Синоќа е оштетена таблата за електрична енергија на модуларната болницата во Прилеп. Обезбедувањето на Општата болницата Прилеп забележало дека таблата од надворешната страна на болницата е отворена со хебла и го известило електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција.
„Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата. Во модуларната болница има хоспитализирано 17 ковид пациенти, вандализмот не довел да се загрози животот на пациентите. Министерството за здравство апелира до надлежните институции за што побрзо расчистување на случајот“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството за внатрешни работи ни рекоа дека работат на расчистување на случајот.
Вo Прилеп во моментов има 283 активни болни од ковид-19.
Ова не е прв инциден за оштетување на опремата во болниците каде се лекуваат ковид пациенти. Во МВР уште трае истрагата кој и зошто на 23 август ги оштети цевките од доводот за кислород во Тетовската болница. При вандализирањето, за среќа беа оштетени само една помошна цевка од системот за снабдување со кислород, и една цевка наменета за довод на азотен оксидол. Главната доводна цевка за кислород, која била веднаш до нив и преку која со кислород тогаш се опслужуваа 120 пациенти кои беа хоспитализирани поради ковид-19 и во модуларната болница и на Инфективното одделение во болничката зграда, за среќа не беше оштетена.
А. АНТЕВСКА