СО НАМАЛЕН КАПАЦИТЕТ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ СТУДЕНТСКИТЕ И УЧЕНИЧКИТЕ ДОМОВИ, ВЛАДАТА ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДА СЕ НАДОМЕСТАТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ПРИВАТНО СМЕСТУВАЊЕ

    СО НАМАЛЕН КАПАЦИТЕТ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ СТУДЕНТСКИТЕ И УЧЕНИЧКИТЕ ДОМОВИ, ВЛАДАТА ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДА СЕ НАДОМЕСТАТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ПРИВАТНО СМЕСТУВАЊЕВладата ќе предложи законски измени со кои на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број легла не може да се сместат во дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите; - Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се отворат студентските и средношколските ученички домови, со почитување на Протоколите за сместување при што, во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица, одлучи Владата на синоќешната седница.

    Владата одлучи и до Собранието да достави Предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог- закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, со кои се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата. Се оценува дека поради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

    Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

    Владата вчера одлучи и дека поради потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, да се одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од Министреството за образование (МОН), а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира