Осудениот експремиер Никола Груевски е единственото лице кое добило азил во Унгарија од 1 јули, објави унгарскиот весник ХВГ. Барањето на Груевски за азил беше одобрено за само неколку дена, што според тамошната канцеларија на Хелсиншкиот комитет за човекови права значи дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ имал многу среќа, бидејќи од нивното искуство, сите што аплицирале за азил по 1 јули биле одбиени од унгарските власти.
Тие споменуваат два случаи на одобрен азил во август, но станува збор за лица кои аплицирале пред 1 јули, кога во Унгарија стапи во сила антиимигрантскиот закон наречен Стоп Сорос. Според законот, секој што влегол во Унгарија од таканаречена безбедна земја не може да добие азил. Таква земја е Србија од каде што влегол Груевски во Унгарија, придружуван од унгарски дипломати, откако претходно поминал низ Црна Гора и Албанија по бегството од Македонија.
Од почетокот на годинава, унгарските власти дозволуваат да бидат поднесени по 10 барања за азил во транзитните центри. Во реалноста, таа бројка е уште помала и 13-15 лица месечно се примаат во транзитните центри, но и тие добиваат негативни одговори на апликации за азил.
Избеганиот осуден премиер Никола Груевски завчера попладне преку Фејсбук се пофали дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил. Речиси истовремено, македонското министерство за правда соопшти дека го испратило до Унгарија барањето за екстрадиција на Груевски.
Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, но избега во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија и на 13 ноември на Фејсбук кажа дека побарал азил од унгарските власти.