СО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАНЕВА БЕЗ ДОНЕСЕН ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, ПРОПАЃААТ И ОБВИНЕНИЈАТА СО ТЕКОВНИ СУДСКИ ПРОЦЕСИ НА СЈО

    СО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАНЕВА БЕЗ ДОНЕСЕН ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, ПРОПАЃААТ И ОБВИНЕНИЈАТА СО ТЕКОВНИ СУДСКИ ПРОЦЕСИ НА СЈОЗаконот за Јавно обвинителство од вчера е во Собрание иако власта нема обезбедено двотретинско мнозинство за донесување. ВМРО-ДПМНЕ се бори да пропаднат и обвиненијата на СЈО за кои има судења и пресуди, а СДСМ е за продолжување на сите постапки на СЈО, меѓу кои се и отворените истраги; - Пратеникот Антонијо Милошоски и министерката за правда Рената Дескоска вчера во Собранието (Фото. К. Попов)

    Загрозени за натамошен опстанок според најновиот развој на настаните, стануваат не само истрагите, туку и судските процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО), откако Специјалната обвинителка Катица Јанева од вчера стаса на разрешување пред Советот на јавни обвинители. Победникот од двете страни со спротивни намери: од едната ВМРО-ДПМНЕ која се бори да пропаднат и обвиненијата на СЈО за кои има судења и пресуди, од другата СДСМ за продолжување на сите постапки на СЈО, меѓу кои се и отворените истраги, ќе ѝпресудат на државата во кој правец ќе се движи, кажа повеќепати меѓународната заедница.

    Вчера, на необезбедено двотретинско мнозинство, Собранието ја усвои потребата од донесување на новиот Закон за Јавно обвинителство по скратена постапка, со само 54 гласови од пратениците. Според овој закон, СЈО ќе стане дел од новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција. За утре се закажани расправите за овој Закон во Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија.

    За разрешувањето на Јанева ќе се расправа и утре. Ако се случи разрешување на Јанева без претходно да се донесе Законот и да се реши статусот на СЈО, пропаѓаат не само истрагите, туку и обвиненијата на СЈО, од кои половината се пред донесување пресуди. Ќе нема кој да ги застапува тие обвиненија, бидејќи Специјалниот обвинител е нивниот застапник. Останатите обвинители од СЈО, според Законот за Специјалното обвинителство, се само помошници, а не и застапници на обвиненијата.

    Вчера, министерката за правда Рената Дескоска кажа оти се бара чаре да се спасат и обвиненијата, па најави две опции ако не се дојде до двотретинско мнозинство за Законот за Јавно обвинителство, според кој редовното обвинителство за организиран криминал би се споило со специјалното, со сите обвиненија и истраги што ги има отворено.

    „Во случај да не се најде мнозинство за Законот за Јавно обвинителство, сите предмети на Специјалното јавно обвинителство ќе ги преземе и ќе ги продолжи друго јавно обвинителство. Или, со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, ќе се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство“, рече во Собранието министерката Дескоска.

    Со втората опција, ќе му се овозможи на Советот на јавни обвинители да назначи вршител на должност Специјален обвинител, за што претседателот на Советот Коле Штериев и дел од колегите велат дека нема таква законска можност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира