Во аптеките низ земјава од денеска се достапни деветте нови генерички лекови кои се додадени на позитивната листа. Меѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.
Проширувањето беше најавено уште во август, кога министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека на листата се додадени 9 нови генерички лекови, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Лековите што се најдоа на позитивната листа се со генеричко име Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција. Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.
Таравари на 11 септември рече листата последен пат била проширена во 2014, со само еден лек и оти се надева дека следното проширување ќе биде после Нова година.
Д-р Мерием Хаџи Хамза, советничка за фармацевтска политика во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, на 21 август кажа дека критериумите според кои се избрани лековите се според пракси кои се применуваат и на регионално, европско и на глобално ниво. Тоа се критериуми кои ги опфаќаат сите аспекти од употребата на лекот, терапевтското значење на лекот од аспект на јавното здравје, од економски аспект, социјален, етички аспект.
„Почитувањето на овие критериуми не може во никој случај да предизвика ставање на неквалитетни и непотребни лекови на позитивната листа. Самиот факт што кардиоскавсуларните заболувања се најзастапени ја наметнува потребата овие лекови во моментов да се приоритет. Освен тоа, се работи за генерички лекови кои во овој момент ќе генериратат трошоци толку колку што Фондот за здравство може да ги покрие. Со овие лекови се поодбрува квалитетот на живот на тие пациенти. Тоа е бенефит и за државата, оти здрави пациенти нема да ви земаат боледувања, и индиректно го штедат државниот буџет“, рече Хаџи Хамза.
- ОД 16 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ГИ ИМА ВО АПТЕКИТЕ НОВИТЕ 9 ЛЕКОВИ НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО
- НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА ДОМИНИРААТ ЛЕКОВИ ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНИ ЗАБОЛУВАЊА ОТИ СЕ НАЈЧЕСТИ ВО ЗЕМЈАВА, ВЕЛАТ ОД МАЛМЕД
- ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА ПРОШИРЕНА СО ЛЕКОВИ ПРОТИВ ДЕПРЕСИЈА И ЗГРУТЧУВАЊЕ НА КРВТА
Б. НЕСТОРОСКА