СО САНКЦИИТЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ И ОНИЕ КОИ СОРАБОТУВАЛЕ СО КАМЧЕВ, ВЕЛИ АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕР

    СО САНКЦИИТЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ И ОНИЕ КОИ СОРАБОТУВАЛЕ СО КАМЧЕВ, ВЕЛИ АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕР„Каков ќе биде вистинскиот ефект тука, не знам, и искрено сметам дека нема да знаеме уште некое време“, вели амбасадорката Агелер. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Американската амбасадорка Анџела Агелер не може да каже каков ефект во целост ќе имаат американските санкции за бизнисменот Орце Камчев, но укажа дека со овие санкции може да бидат опфатени и они кои соработувале или биле поврзани со него во активностите за кои што е ставен на црна листа.

    „Можам да кажам дека како дел од овој конкретен закон, тој исто така ги вклучува и оние кои соработувале и биле поврзани во некои од овие активности со лицата кои се санкционирани од Министерството за финансии и тоа може да биде утврдено. Тоа значи дека и нивните средства се замрзнати или блокирани, како што беше кажано. Како што повеќето од вас знаат, голем дел од меѓународното банкарство поминува низ САД, низ главните банки во САД. Па така, последиците се многу значајни. Каков ќе биде вистинскиот ефект тука, не знам, и искрено сметам дека нема да знаеме уште некое време“, кажа Агелер на денешната прес-конференција во амбасадата, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бидат засегнати компаниите кои што соработувале со компаниите на Камчев.

    Американското Министерство за финансии вчера го означи Орце Камчев за вмешаност во значајна корупција, согласно извршната наредба на претседателот Џо Бајден од јуни 2021 година за справување со заканите по стабилноста на Западен Балкан.

    Како резултат на означувањето, целиот имот и интереси на Камчев во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани. Забранети се сите трансакции на лица од САД со Камчев или негов имот и интереси.

    Овие санкции имаат голема тежина, бидејќи, како што кажа и амбасадорката Агелер, голем дел од меѓународното банкарство поминува низ САД и речиси е невозможно за санкционираните лица да реализираат меѓународни, но и домашни финансиски трансакции во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира