СО СКАНИРАЊЕ СМЕТКИ ЗА 4 ГОДИНИ КАЈ ГРАЃАНИТЕ СЕ ВРАТЕНИ 107,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ЛУКАРЕВСКА

    СО СКАНИРАЊЕ СМЕТКИ ЗА 4 ГОДИНИ КАЈ ГРАЃАНИТЕ СЕ ВРАТЕНИ 107,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ЛУКАРЕВСКАЛукаревска кажа дека 293.348 корисници на апликацијата се жени, а 245.571 се мажи, а ја користат лица од 15 до над 90 години. (Фото: Фејсбук)

    За 4 години преку МојДДВ, кај граѓаните се вратени 6,6 милијарди денари или 107,5 милиони евра како поврат на дел од ДДВ изразено во скенираните фискални сметки, соопшти денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

    „Семејството на МојДДВ брои 538.919 корисници и бројот постојано расте. Исплатата за скенираните фискални сметки во второто тримесечје, односно во месеците април, мај и јуни ќе се реализира во август каде се очекува да се исплатат 696 милиони денари, или 11,2 милиони евра. Тоа се сериозни средства вратени на сметките на граѓаните кои скенираат фискални сметки и на тој начин директно ги подобруваат семејните буџети. Мерката дава резултат, а поддршката која ни ја даваат граѓаните е исклучително значајна и помага партнерски да ја сузбиеме нелојалната конкуренција и да го јакнеме даночниот морал“, рече Лукаревска.

    Во првите шест месеци од годинава, на апликацијата МојДДВ се регистрирале нови 31.129 корисници. Лукаревска рече дека расте и бројот на скенирани фискални сметки на остварен промет. Во 2020, остварениот промет изразен во фискалните сметки изнесувал 106,5 милијарди денари, во 2021 година прометот изнесува 148,3 милијарди денари додека во 2022 година прометот од скенираните фискални сметки е 178,7 милијарди денари.

    Најмногу скенирани фискални сметки се оние издадени од ланците маркети и бензиските пумпи. Најголем број, 74.866 фискални сметки скенирала штипјанка, веднаш по неа е жителка на Валандово со 52.731 скенирана фискална сметка, со 41.647 скенирани сметки е жител на Кичево, а следат граѓани од Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.

    Лукаревска кажа дека 293.348 корисници на апликацијата се жени, а 245.571 се мажи, а ја користат лица од 15 до над 90 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира