Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му посака среќа на СДСМ ако одлучат да одат на избори во јуни, без да одговори конкретно дали ќе ги бојкотира тие избори, во гостување на ТВ Сител.
„Ако одлучат да одат во јуни на избори, со среќа нека им се тие избори”, изјави Мицкоски.
Следуваше новинарско прашање: „Нема да учествувате на тие избори?”, а Мицкоски само повтори: „Со среќа нека им е, тоа можам да им посакам”.
Претходно денеска, на прес-конференција во партиското седиште, лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека сака да има избори на 21 јуни.
„Сакаме да имаме договор избори да има на 21 јуни, но ако немаме, останува да се почитуваат Уставот и законите во државата”, рече Заев.
Заев кажа дека избори треба да има во јуни бидејќи наесен се очекува нов бран на пандемијата кој го најавуваат и од Светската здравствена организација (СЗО), дека и Србија и Хрватска организираат избори летово, а ние веќе три месеци немаме парламент и политичка влада.
На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, Мицкоски предложи три термини за избори на крајот на август и почетокот на септември.
С. К. ДЕЛЕВСКА