Со црвена боја ќе бидат регистарските таблички на службените возила на Владата, Министерствата и државните институции. Бројките и буквите на регистрацијата пак ќе бидат испишани со жолта боја и со тоа тие ќе бидат лесно воочливи и ќе се спречат злоупотреби.
Директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски вели дека Правилникот за регистарски таблици на службените коли е веќе изготвен и наредната недела треба да помине на владина седница.
„Задолжено е Министерството за внатрешни работи да спроведе постапка за набавка на црвена боја, по што ќе почне процесот на нивно менување. Штом заврши тендерот сите институции ќе добијат рок од 30 дена во кој треба да ги променат табличките. Со ова ќе спречиме злоупотреби односно службените возила нема да може да се користат за приватни и партиски цели“, вели Томовски.
Тој додава дека ќе биде отворена и линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат доколку забележат дека службено возило се користи за приватни или партиски цели.
Службата за општи и заеднички работи почна и постапка за изработка на регистар на сите возила во државата. Томоски вели дека со тоа ќе имаме база на податоци какви возила имаме во државата.
„Со ваков регистар при влез на секое возило во државата ќе се внесуваат податоци. Подобро возилото да не влезе отколку да се внесуваме отпад. За да се направи регистарот потребно е софтверско решение и овој проект би чинел околу 1,5 милиони евра. Планираме да аплицираме за пари од фондовите на Европската унија“, додава Томовски.
А. АНТЕВСКА