Платформата на граѓански организации за борба против корупција прашува како само за една недела се проверија сите угостителски објекти, градинки, школи, компании од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, и транспортниот сектор и се сомнева колку навистина тие биле проверувани. Инспекциските контроли уследија по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март со 59 жртви од кои 6 деца, и 197 повредени од кои 25 деца.
„Минатата недела беа направени проверки во повеќе дејности. Во угостителските објекти, поголемиот дел имаа недостатоци и беа санкционирани со забрани, одземени лиценци или казни. Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, дел од лиценците беа одземени поради неправилности. Во транспортниот сектор, мал дел од контролираните субјекти покажаа проблеми. Локалната самоуправа потврди дека училиштата и градинките се безбедни. Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно?“, прашаа денеска од Платформата против корупција.
Тие велат дека во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека наместо да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се прилагодат и се очекува да поминат неказнето.
„Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале од расипаниот систем – со помали трошоци и без да ги исполнат стандардите – пак ќе им се прогледа низ прсти, повторно на сметка на јавниот интерес. Нема најави за санкции на административните службеници кои ги издале лиценците и дозволите, што при вонредниот надзор беа повлечени. Инспекциските служби, иако клучни за заштита на јавниот интерес, се зависни од Владата – и финансиски и политички – што ја поткопува нивната независност и објективност“, сметаат граѓанските организации од Платформата, кои најавуваат Бела книга со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите.
Напоменуваат дека овие заложби не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста и оти е време е за конкретна одговорност и еднаква примена на правилата за сите, на сите нивоа.
Платформата денеска упати 11 конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски: 1. Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани со редовни брифинзи; 2. Целосна реформа на казнената политика – строги, предвидливи и правично применети казни за корупција и заштита на укажувачите; 3. Да се утврди зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години; 4. Теренски проверки при вонреден надзор, зашто само административна проверка не е доволна; 5. Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи; 6. Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе; 7. Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци- Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци..итн.
Платформата бара итно да се престане со притисоците врз граѓанските организации, движења, иницијативи и врз медиумите и место да се дискредитираат, да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди.
С. К. ДЕЛЕВСКА