СО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ СЕ ГУБАТ 3,2 ОТСТО ОД БДП, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКА

    СО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ СЕ ГУБАТ 3,2 ОТСТО ОД БДП, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКАЗагадувањето на воздухот е концентрирано, со тоа што над 45 отсто го погодува Скопје, најголемиот град, и неколку локални производствени зони, се вели во извештајот на Светска банка; - Од презентацијата на системската дијагностика на Светска банка за Македонија во последните 27 години (Фото: МИА)

    Секоја година загадувањето на воздухот, предизвикано главно од фосилните горива, генерира загуби во македонската економија која е еквивалентни на 3,2 проценти од бруто домашниот производ, е еден од наодите на системската дијагностика за Македонија што ја направи Светска банка за периодот од осамостојувањето до 2017.

    „Загадувањето на воздухот во Македонија е помеѓу најлошите во Европа, а здравствените ризици се големи, со проценет годишен трошок еднаков на 3,2 проценти од БДП. Главните виновници, одговорни за повеќе од 90 проценти од емисиите, се патниот сообраќај, индустријата и енергетското производство, како и затоплувањето на домаќинствата, додека другите извори на загадување вклучуваат земјоделство, горење на отпадот и прашина од градежни активности. Загадувањето на воздухот е концентрирано, со тоа што над 45 отсто го погодува Скопје, најголемиот град, и неколку локални производствени зони“, стои во извештајот на Светска банка, каде еколошките ризици се дел од трите главни наоди, односно ниска продуктивност, ограничена социјална инклузија со недоволен број работни места, и социјални, фискални и економски ризици.

    Во извештајот се вели дека продуктивноста, која е критична за поттикнување на растот, е многу ниска и расте бавно, бидејќи во последните десет години структурата на економијата многу малку е променета.

    „Зголемените странски директни инвестиции не создадоа многу врски со домашните фирми, а извозот на услуги претставува само околу 25 проценти од вкупниот извоз. Повеќето работни места се во секторите со ниска продуктивност и премногу фирми се мали и неконкурентни“, стои во извештајот на Светска Банка.

    Според наодите од Светска банка просечниот работник во производството и во услугите во Европа и во Централна Азија е за четири пати попродуктивен од македонскиот работник.  Ниската стапка на вработеност во Македонија, или 49 проценти според Светска банка е резултат на комбинација од високата невработеност, која е 16 проценти и ниското учество во работната сила или 65 проценти.

    „Над 80 проценти од невработените бараат работа повеќе од една година, а над 70 проценти немаат никакво претходно работно искуство. Меѓу сиромашните, невработеноста е скоро тројно поголема отколку кај несиромашните. Македонските деца имаат повисок ризик за морталитет отколку оние во другите западнобалкански или европски земји, а лошата исхрана влијае врз нивната способност за учење како и врз нивната продуктивност во текот на животот“стои во извештајот на Светска банка.

    Според Светска банка без реформи, јавниот долг ќе се зголемува како и потребите за финансирање.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира