Вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити се ограничуваат на пет пати од затезната камата или 55 отсто од кредитот во моментот, се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, за кои денес расправаше собраниската комисија за финансирање и буџет. Од Министерството за финансии велат дека со овие измени се ограничуваат трошоците за брзите кредити, за кои годишните трошоци досега не беа ограничени и можеа да достигнат и до 500 отсто од кредитот.
„Со измените се опфаќаат и мали кредити под 200 евра, кои претходно не беа законски опфатени. Согласно постојните законски прописи, трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплатуваат за одобрените потрошувачки кредити како провизии, надместоци и слично, кои се вклучуваат во определувањето на годишната стапка на вкупни трошоци, не се ограничени. Кредиторите сега пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачки кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. Голем број граѓани имаат потешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Според него со оваа измена ќе се ограничат вкупните трошоци, односно провизии, надоместоци, кои ги плаќаат граѓаните и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на нивната финансиска состојба.
Е. БОЧВАРОСКА