СО ЗБОРОВИТЕ НА МИЈАЛКОВ КОН ЛАТАС, „ПУШТАЈ ЦЕЛИ СНИМКИ, НЕЗАМАТЕНИ, ЖИТИ ЈА“, ОБВИНИТЕЛОТ ЛАПЕ БАРА ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ВО „ТОРТУРА“ ЗА АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ БОШКОВСКИ

    СО ЗБОРОВИТЕ НА МИЈАЛКОВ КОН ЛАТАС, „ПУШТАЈ ЦЕЛИ СНИМКИ, НЕЗАМАТЕНИ, ЖИТИ ЈА“, ОБВИНИТЕЛОТ ЛАПЕ БАРА ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ВО „ТОРТУРА“ ЗА АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ БОШКОВСКИОбвинителот Лапе во денешните завршни зборови потсети и на зборовите на алфите :„Ова ти е поздрав од шефот“, „Ајде сега лај ѓубре едно“, „Ќе лежиш сега за ова 10 години“, „Пи*ка ти материна“, „Ти дојде моментот“. - Обвинетиот Мијалков со адвокатите на завршните зборови на обвинителството. (Фото: МИА/принтскрин)

    За апсењето на Љубе Бошкоски со примена на тортура, нехумано постапување и понижување од страна на полициските единици „алфи“ по наредба на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, обвинителот Љубомир Лапе во завршен збор бара затворски казни за обвинетите. Тој кажа дека Мијалков, кој за Бошкоски зборува – „врзаниот како магаре, како говедо што лежи на земја“, и полициските алфи – извршители на овие кривични дела при апсењето пред скопскиот ресторан „Воденица“, за обвинителството се виновни. Судија во овој предмет во Основниот кривичен суд Скопје е Александра Ристеска.

    Лапе потсети на зборовите на алфите :„Ова ти е поздрав од шефот“, „Ајде сега лај ѓубре едно“, „Ќе лежиш сега за ова 10 години“, „Пи*ка ти материна“, „Ти дојде моментот“ … искажани од нив, но и на фалењето на Мијалков како бил уапсен Бошкоски. Како му ебал мајката, како лежи како говедо и плаче, но и тоа:„Ви реков дека одма почнувам со апсење“.

    „Пуштај цели снимки, незаматени, жити ја!“, цитираше Лапе што му кажал Мијалков на тогашниот уредник на Сител Драган Павловиќ-Латас, а потоа и како се јавил да уредува вести и кај газдата на Канал 5, со намера да докаже дека тоа врз политичкиот опонент Бошкоски била сторена, плус, снимена и репродуцирана, од политички реваншизам.

    Во основа на ова кривично дело е непотребното мачење и понижување на Бошкоски, кога воопшто не дал отпор, при апсењето на 6.06.2011 година ден по парламентарните избори и истото попладне кога беше убиен Мартин Нешкоски на плоштад во Скопје. Патем, лани  Судот во Стразбур пресуди дека на Бошкоски му е скратено правото на одбрана во судскиот процес во кој беше осуден и одлежа петгодишна затворска казна.

    Лапе рече дека понижувањето и деградирањето на Бошкоски при апсењето за случајот „Кампања“, за кој Љубе доби пред Стразбур, е поради политичка дискриминација, политички реваншизам, само заради тоа што Бошкоски е неистомисленик  и припадник на друга политичка опција.

    Непотребно легнување на земја, малтретирање, закани, и тоа пред очите на јавноста, со пренос во живо. Комбинација од менувана и сечена снимка од УБК, со телевизиски снимки, кои го сочувале тоа што било бришено на полициската видео-снимка“, аргументираше Лапе.

    „Зошто е заматена и сечена снимката? Логичен заклучок е дека има нешто што не треба да се види. Но, одговорот е во разговорот помеѓу тогашниот портпарол на МВР, Иво Котески и министерката Гордана Јанкулоска, во кој портпаролот кажува дека на снимките имало некои понасилни сцени, а таа кажува да се дадат поненасилните“, рече Лапе.

    Тој потсети со конкретен цитат и наведе дека се слуша како Котески кажува дека „му бутнале пиштол во уста“, а Јанкулоска наведува тие сцени да не се даваат.

    „Со оглед на начинот на кој бил апсен, со тортура и понижување, кај Бошкоски се предизвикани душевна болка, пострауматско растројство, тешка депресија. При вештачењата се констатирани подливи, кои биле од инфузија. Но, во извештајот од прегледот не е наведено кога и зошто ги примил инфузиите. Утврден е степен на стрес, кој медицински е со 63 бода, еднакво на стрес при смртен случај на близок член на семејството“, продолжи обвинителот.

    Потоа потсети на дел од сведочењето на Љубе кој растреперен во судница, рече: „Беше непријатно да бидам залепен на ќенефот со лице, додека камерата ме снимаше. Знаев дека ќе се емитува на сите телевизии“.

    Пред внатрешната контрола на МВР, обвинетите се правеле на мутави, не навеле, воопшто не напишале дека насилно го легнуваат на земја. А тоа, го виде целата македонска јавност, кажа Лапе.

    Тој рече дека апсењето требало да заврши кога до колата на Љубе дошла полицијата, т.е. обвинетите и им ги рашириле нозете на тогаш осомничениот Бошкоски и на возачот, кога и рацете по полициски стандарди им биле кренати нагоре.

    Бошкоски тоа попладне бил и враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање.

    Анализирајќи ја снимката што е достапна, Лапе рече дека од неа јасно се гледа дека не е точно дека Бошкоски давал отпор при апсењето.

    „Ниту еден од обвинетите припадници на алфите не напишал дека го легнале Бошкоски на земја и дека тоа е снимено со камера. Ниту дека му ставиле пиштол на образот. Како да не се случило, како да не гледале тогаш ни телевизија. Продуцирале еден куп документација, навеле сè и сешто, но никој не го наведува тоа дека бил легнат на земја. Тоа за обвинетите воопшто не се случило и нема потреба да се напише“, укажа Лапе.

    Уште траат завршните зборови, во моментот обвинителот цитира одлуки на Стразбур за идентични случаи на тортура, нехумано постапување и понижување. Лапе помилувањата на Ѓорге Иванов ги нарече „обид за амнестија, со заобиколување на Собранието, кое единствено има право да амнестира“. Кажа дека тоа помилување всушност нема правно дејство, зашто Иванов не е Собрание.

    Овој случај е главната причина поради која за првпат во Обвинителството за организиран криминал е формирано посебно одделение за гонење на полициски службеници кои ги пречекориле службените овластувања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира