Над 6.000 граѓани досега се потпишале на иницијативата за законски измени со кои треба да им се олесни животот на лицата со посебни потреби. За да влезе оваа иницијатива во процедура во Собрание потребни се вкупно 10.000 потписи. Денес потписи во Скопје се собираат во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, кој се наоѓа во Аеродром, потоа на Широк сокак во Битола и на плоштадот во Штип.
„Денес се договаравме во Скопје да се отвори уште еден пункт за собирање потписи, а од утре на плоштадите и во другите градови, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Куманово, Струмица Гевгелија и други, да се собираат потписи. Овде собирањето потписи ќе почне симболично пет минути до 12 часот и ќе трае до 17 часот. Досега се собрани над 6.000 потписи и се надеваме дека ќе го собереме потребниот број“, рече Сузана Стојановска, од Здружението на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“.
Зоран Мијалков, од Здружението на лица со аутизам „Сплотени срца“, вели дека во Штип денес потписи се собираат од 10 до 18 часот и дека досега само во Штип се собрани над 1.000 потписи, а во каменица над 600. Ова здружение од 20-ти до 22-ри овој месец организираше кампување со шатори пред Собранието, со надеж дека на тој начин ќе го свртат вниманието на политичарите и на одговорните функционери, за да им помогнат да ги остварат правата кои им се загарантирани со закон, но во пракса не се спроведуваат.
„И следниот месец на истиот датум ќе кампуваме пред Собрание, бидејќи мора да почне некаков дијалог за нашите проблеми. Се соочуваме со еден куп административни бариери при остварување на правата на нашите деца, но најболното е што ќе биде со овие деца по смртта на нивните родители“, рече Мијалков.
Со иницијативата се бара измена на повеќе закони и подзаконски акти, а меѓу главните барања е да се избрише старосната граница од 26 години, по која во повеќе закони им се ограничува државаната помош на овие лица. Така, до 26 годишна возраст лице со посебни потреби има право на бесплатни прегледи и лекување, како и право на посебен додаток. по навршување на оваа возраст, лековите не се бесплатни, а го губат правото на посебен додаток. Со иницијативата се бара да се изедначат по правата биолошките родители, со родителите од згрижувачките семејства, бидејќи со сегашните законски одредби паричен надомест од државата добиваат само згрижувачките семејства, а не и биолошките родители.
„Со тоа ние сме во нерамноправна положба, а згора на тоа немаме ниту каде да ги оставиме децата за да можеме да одиме и да работиме. Ако постои центар каде овие деца ќе бидат згрижени додека сме на работа, ќе можеме да одиме и да заработуваме и да обезбедиме средства за живот“, велат родителите на деца со посебни потреби.