СОБРАНИ НАД 30.000 ПОТПИСИ, ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ГО ЧЕКААТ СОБРАНИЕТО ДА ПРОРАБОТИ

    СОБРАНИ НАД 30.000 ПОТПИСИ, ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ГО ЧЕКААТ СОБРАНИЕТО ДА ПРОРАБОТИНа 20 април, родителите на деца со посебни потреби поставија камп со шатори спроти Собранието и три дена кампуваа со надеж дека политичарите на надлежните функционери ќе ги видат и чујат нивните проблеми. (Фото: СДК.МК)

    Над 30.000 потписи беа собрани за иницијативата за измена на повеќе закони за децата со посебни потреби и сега организаторите го чекаат Собранието да проработи за да ја предадат иницијативата и пратениците да ја стават на дневен ред. Зоран Мијалков, претседател на здружението за аутизам „Сплотени срца“, вели дека од досега официјално изброените потписи што ги собираа во целата земја имаат поддршка од 30.000 граѓани, но дека има многу тетратки со потписи што се уште не се собрани и дека нефицијално имаат 40.000 потписи.

    „Сега се чека само парламентот, бидејќи собравме и многу повеќе од потребните 10.000 потписи за иницијативата за измена на законите и подзаконските акти, бидејќи сега како што се поставени не овозможуваат соодветна заштита и социјализација на лицата со посебни потреби“, вели Мијалков.

    Повеќе здруженија на лица со посебни потреби и здруженија на пациенти, лани во декември побараа од политичките партии да се направат измени во повеќе закони, со кои ќе се олесни животот на лицата со посебни потреби и полесно ќе можат да ги остварат загарантираните права. Тие бараа повеќе измени во законите за здравствена заштита, социјално и здравствено осигурување, образование. Едно од барањата е да се избрише старосната граница од 26 години, со која практично се дискриминирани лицата со посебни потреби, односно по навршување на оваа возраст тие немаат право на бесплатни лекови и на посебен додаток.

    На 20-ти минатиот месец, родителите на деца со посебни потреби поставија камп со шатори спроти Собранието, каде три дена кампуваа со надеж дека политичарите на надлежните функционери ќе ги видат и чујат нивните проблеми. Два дена подоцна ја почнаа акцијата „5 до 12“, во која почнаа да собираат потписи за поддршка на иницијативата. Првиот ден потписи се собираа само во Скопје, а потоа и во останатите градови во земјава. Најавија дека секој месец на 20-ти ќе поставуваат камп спроти собрание, се додека не им бидат исполнети барањата.

    „На следното кампување спроти Собрание ќе имаме цела програма, со обуки и интераклција со сите граѓани. Бараме целосна инклузија на лицата со посебни потреби, бидејќи според бројките што ги имаме околу 20 отсто населението во земјава е директно засегнато со овие проблеми, а индиректно 40 отсто со нашите најтесни фамилии“, вели Мијалков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира