СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ СО КОИ СЕ ОЛЕСНУВА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА

    СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ СО КОИ СЕ ОЛЕСНУВА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈАТАСо законските измени се овозможува граѓаните во дополнителна дејност во јавните здравствени установи да се лекуваат на товар на товар на ФЗОМ, како и здравствени работници да се упатуваат во друга јавна здравствена установа, за да не мора граѓаните да патуваат во други места за да ја добијат потребната услуга (Фото: СДК.МК)

    Собранието на денешната седница ги усвои измените на Законот за здравствена заштита предложени од група пратеници, со кои се намалува периодот што докторите специјализанти треба да го поминат во јавните здравствени установи (ЈЗУ).

    Со овие законски измени се укинува менаџерскиот испит за директорите, се овозможува граѓаните да бираат лекар во дополнителна дејност во јавните здравствени установи на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), а се овозможува и на пензиониран доктор да може да работи како консултант во јавна здравствена установа во општината во која живее.

    Со законските измени се овозможува и кадар од јавните здравствени установи да може да дава здравствени услуги во други јавни здравствени установи во општината во која живеат граѓаните.

    Од Министерството за здравство велат дека во услови на недостаток на кадар во јавните здравствени установи се овозможува со оваа одлука услугата да ја направат подостапна до пациентите.

    „Место пациентите да патуваат во големите болници или во Скопје, сега специјалистите ќе доаѓаат каде е потребно“, велат од Министерството за здравство.

    За да се реализира оваа одлука, јавните здравствени установи ќе може да склучат меѓусебни договори за упатување на здравствен работник или соработник за вршење на специјалистичко-консултативна дејност.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера на брифинг со новинарите рече дека здруженијата на специјализантите долго време барале од Министерството да ги смени овие услови, бидејќи според нив, тие се лихварски и дискриминирачки, бидејќи сумите што ги плаќаат ако предвреме заминат од ЈЗУ се многу високи, а времето што треба да го одработат во јавната здравствена установа каде специјализирале се намалува на времетраењето на специјализацијата.

    Граѓаните отсега во јавните здравствени установи во рамки на дополнителната дејност ќе можат да изберат лекар или тим кај кого ќе бидат прегледани или ќе им биде извршена интервенција на товар на осигурувањето од Фондот за здравство, а ќе се плати само цената за тимот што работи во дополнителна дејност.

    Министерот кажа дека граѓаните досега во дополнителна дејност плаќале како приватни пациенти, што ги одвраќало да ги користат условите во јавните здравствени установи и оделе во приватните болници. Ова е можност за за дополнителна заработка за тимовите, односно лекарите, анестезиолозите, сестрите болничарите и сите што ќе останат попладн, а пациентите да имаат слобода да изберат лекар.

    Со законските измени се укинува и менаџерскиот испит за директорите на јавните здравствени установи и им се овозможува на директорите и натаму да ја работат својата здравствена дејност со дежурства, за што им следи и надоместок.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира