Со 62 гласа „за“, Собранието попладнево го усвои Буџетот за 2018 година во кој што приходите се предвидени да бидат 3,15 милијарди евра , а расходите 3,44 милијарди евра. Буџетскиот дефицит треба да изнесува 296 милиони евра, што претставува 2,7 отсто од БДП. Во поглед на давачките, предвидено е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.
Опозицијата не присуствуваше на гласањето, бидејќи ја бојкотира работата на парламентот поради апсењата во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Во расправата пред гласањето, координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев кажа дека ова е трет пат буџетот да се носи без опозиција.
„Жалосно е да дебатираме, бидејќи салата е празна. Опозицијата не тука за да дебатира за она што значи живот и опстојување на сите граѓани, без исклучок. Како парламентарно мнозинство, се надевавме дека опозицијата ќе смогне напори да учествува во дебатата.“, рече Тунтев.
Претходно, министерот за финансиси Драган Тевдовски кажа дека новиот буџет носи поголеми плати за клучните столбови во општеството, а ќе бидат скратени непродуктивните трошења.
„Предвидени се повеќе средства за клучните столбови во општеството, повисоки плати во здравството, образованието, армијата, повеќе пари за исполнување на стандардите за влез во НАТО, а предвидена е рестрикција во трошењето на непродуктивните трошења“, рече Тевдовски.