СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ОД 3,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ОД 3,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРАЗаменик-министерката за финансии Ширет Елези пред пратениците кажа дека буџетот за следната година ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати. (Фото: К. Попов)

    Со 64 гласа „за“ и 23 „против“, Собранието попладнево го усвои буџетот за 2020 година. Со усвоениот буџет за следната година, вкупните приходи се проектирани на 222,3 милијарди денари, а расходите на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи треба да резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП.

    Заменик-министерката за финансии Ширет Елези на расправата за буџетот, која почна во понеделникот, кажа дека тој е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

    „За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари или за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на годинава. Со нив е предвидено зголемување на капитацијата, достапност на лекови во тек на цел месец. Со буџетот за 2020 година, предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5% во септември 2019 година за сите кадри во здравството, односно трето покачување досега“, рече Елези.

    Со буџетот за 2020 година е планирано покачување на пензиите за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. Капиталните инвестиции се планирани на ниво од 23,8 милијарди денари и се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира