СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПЕНЗИОНИРА ЦЕЛИОТ УСТАВЕН СУД И ТОЈ НЕМА ВЕЌЕ ДА ПОСТОИ

    СОБРАНИЕТО ЌЕ ГО ПЕНЗИОНИРА ЦЕЛИОТ УСТАВЕН СУД И ТОЈ НЕМА ВЕЌЕ ДА ПОСТОИНе може 5 судии да одлучуваат за уставноста на пример на Преспанскиот договор - Претседателката Добрила Кацарска (Фото: СДК.МК)

    Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е спремно да се согласи да се одржи седница на Комисијата за избори и именувања, по цена да поминат и кандидати за уставни судии од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата, велат извори од пратеничката група на социјалдемократите. Но, прашањето е што кога тие ќе се најдат на гласање во Собранието?

    Судбината на тие кандидати за уставни судии ќе биде неизвесна, зашто парламентарното мнозинство тешко дека ќе им ги изгласа. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Беса, немаат мнозинство во Парламентот за да си ги изгласаат предлозите.

    Со тоа, по една година блокирање од ВМРО-ДПМНЕ да се состане комисијата и да се утврдат кандидати за уставни судии, претстои уште подолг период на блокада и неизбирање на 4 судии, зашто треба мнозинство за да се гласаат.

    Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во среде оваа војна во Комисијата за избори и именувања, и денеска побара Собранието да ги пополни четирите места, зашто судот работи само со 5 судии.

    Кршејќи ја тридецениската пракса за мнозинство на владејачките партии во собраниската Комисија за избори и именувања, дури сега ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Беса бараат да се свика за да предложат уставни судии. Додека блокираа, помина една година, четворица судии се пензионираа.

    Претстои пензионирањето и на петтата судијка, Вангелина Маркудова и тогаш Уставен суд ќе нема. Нема да работи всушност, зашто со четворица судии нема да има функционалност и легитимитет.

    Додека опозицијата беше малцинство со бројот на членови, т.е. Фадил Зендели беше со власта, војна се водеше во Комисијата само за да не се одржи и мнозинството да предложи кандидати. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му го корнеа микрофонот на тогашниот претседател Костадин Костадинов, сегашен градоначалник на Струмица.

    Зендели тогаш беше со власта. Сега е со опозицијата и тој е гласот со кој таа има мнозинство. Тој не го почитува тридеценискиот договор што функционира во Собранието, не сака да се тргне и да го отстапи како опозиционер неговото место во Комисијата.

    На барањето од пред два дена да се свика комисијата, потпишани се пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Фадил Зендели од БЕСА и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.

    „Ја преземаме оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија. Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата“, кажа Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ.

    Засега претседателот на Собранието Талат Џафери не кажува дали ќе закаже седница со оваа точка за избор. Долго време е во Собранието како пратеник и кршење на принципиелни договори што важат од создавањето на Собранието во повеќепартиска Македонија, не толерира.

    Тој претходно имаше апел до лидерите на најголемите политички партии Димитар Ковачевски и Никола Мицкоски, да се договарат за да се одблокира оваа комисија и да се изберат уставни судии, по писмото на претседателката на Уставниот суд Кацарска дека тешко работи судот со само пет уставни судии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира