Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не го прифати предлогот на Министерството за образование и Владата за зголемување на платите во дејноста образование и наука за 10 отсто, почнувајќи од април 2020 година и најави штрајк за 11 ноември.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков кажа дека нивното барање е зголемувањето од 10 отсто да почне од јануари, но бараат да се преговара и за поголемо зголемување, Понатаму, од СОНК бараат и измени и дополнувања на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови кои досега воопшто не се исплаќале и ревидирање на плаќањето во комбинирана настава.
Како што кажа Неделков на денешната прес-конференција, доколку не се исполнат нивните барања ќе се одржи штрајк со прекин на работниот процес во основните, средни и високообразовни институции.
Премиерот Зоран Заев побара продолжување на преговорите на СОНК и Министерството за образование за зголемување на платите во образованието за да се најде решение прифатливо за двете страни.
„Јас ги почитувам работничките права. Левичар сум и сакам да имаме задоволни работници заради тоа задоволни носители на дејност, наставници, професори, но и администрација во образованието може да значат поголемо пренесување на знаењето кај децата“, изјави Заев, кој денеска беше во средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје на отпочнување на кампања за промоција на стручното образование и занимања
Тој вели дека како Влада прават максимални напори да се дојде до решение, но можат да понудат тоа што навистина можат да го дадеме, а тоа што го нема буквално е и невозможно.
Тој потсети дека во образованието откако оваа влада е на власт имало две зголемувања на платите од по пет отсто, а сега понудиле ново покачување од април во висина од 10 отсто.