Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва по одржување на седницата на Советот за безбедност кажа дека состојбата во државата е стабилна и безбедна. Седницата се одржа поради нападите на САД и Израел врз Иран во кои вчера беа убиени иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, и други високи функционери, а кои продолжија и денеска. Претседателката кажа дека оваа проценка е направена според информациите на Агенциите за разузнавање и за национална безбедност, Министерствaта за одбрана и за внатрешни работи и од Началникот на Генералштабот.
„Ние не сме изложени во моментов на нестабилност ниту има опасности по безбедноста во државата и во регионот. Системот за рано предупредување постои и тој е поврзан со постојаното следење на воените состојби. Институциите ја следат состојбата, ги анализираат, се координираат, информираат и оттаму оваа оценка е релевантна“, рече Сиљановска-Давкова по завршување на седницата на Советот за безбедност во Вила Водно.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападот има за цел да се осигури оти Иран нема да поседува нуклеарно оружје, да се ограничи неговата ракетна програма и да се елиминираат заканите за САД и нивните сојузници. Нападите на САД и Израел, и иранска одмазда од која се погодени и земјите во Персискиот Залив како Обединетите Арапски Емирати (ОАР), Бахреин, Кaтар и Саудиска Арабија, го дестабилизираа целиот регион и го нарушија авионскиот и поморскиот сообраќај го затвроија Ормутскиот Теснец, кој е премин за околу 20% од светските залихи на нафта.
Претседателката каже дека на седницата биле разгледани и можните економски импликации и прашањето за снабдување со енергенси.
„Интерконекторот со Грција е во функција, а законските обврски за резерви на нафта од 40 до 90 дена се исполнети. Од тоа што го чув можам да кажам дека нема зошто да се грижиме во моментов. Се разбира ќе ги следиме сосотјбите“, рече Сиљановска-Давкова.



