СОЦИЈАЛЦИ НА ХЕМОТЕРАПИЈА ПЕШАЧАТ ПО 3 КМ ЗА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ВО ВЕЛЕС

    СОЦИЈАЛЦИ НА ХЕМОТЕРАПИЈА ПЕШАЧАТ ПО 3 КМ ЗА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ВО ВЕЛЕСОд 15 мај, наместо во градинките каде им се делеше бесплатниот ручек, сега се дели само на една нова локација, новина што тешко ги погоди сите 110 социјалци без исклучок (Фото: СДК.МК)

    Социјалците од Велес, и здрави и болни за да добијат бесплатен оброк, мораат да пешачат и по 3 километри за да дојдат до бесплатниот оброк. Од населбата Тунел, од Шорка, од Долни дуќани, сите редум во терминот од 11 до 13 часот се пред просторијата каде се дели бесплатниот ручек за социјално  ранливите категории.  Така е од  15 мај, откако наместо во детските градинки, каде им се делеше бесплатниот ручек, сега е во нова локација, новина што тешко ги  погоди која сите 110 лица без исклучок.

    „Имам рак, на хемотерапија сум. Ова ми  е единствениот оброк кој го добивам. Сопругот работеше градежник 13 години, почина, ама фирмата  не го вработила ниту ден и така немам пензија. Децата си фанаа патот. Живеам со 1.300 денари месечно. Овој оброк ми е Единственото нешто, тој е мојот живот. Вчера бев во Скопје на Клиника и останав без јадење“,  вели низ солзи велешанка која секојдневно доаѓа од населбата Шорка, која е спроти железничката станица, и пешачи до просторијата која се наоѓа карши Автобуската станица, на другиот дел  од градот.

    Вели тешко ѝ е да пешачи на горештините, но избор нема. Друг велешанец кој е таксист,  дојде и го подигна оброкот за неговиот другар.

    Од оброкот се откажале најмалку 30-тина лица, на кои не им одговара новиот режим на подигнување на храна (Фото: СДК.МК)

    „Другар ми  не  може да се движи. Јас за него доаѓам го земам оброкот. Треба да се стори нешто и да има уште еден центар за поделба  во новиот дел на Велес, вака е мошне тешко“, вели тој.

    Сличен проблем со нозете  има велешанка која живее кај црквата Св. Спас. Додава дека оди по саат и  пол во еден правец исто толку назад. Ацо, пак, живее кај Жаба зграда, има 70 години, кои тешко се навалиле на неговите слаби плеќи.

    „Одам со саати. До тука е надолнина, ама тешко ми е  на враќање. Ќе поодам, ќе поседам и така, бабичката ме чека до кај 2-3 ќе стигнам дома, по жешково. Ако платам такси, поарно со тие пари да купам ручек од кафеана дома ќе ми го донесат. Ова ново решение тешко ме погоди и мене и останатите“, вели Ацо.

    Сите без  исклучок велат дека храната е одлична, квалитетот супер, немаат забелешки. Овој ден за ручек има зелје со колбаси, четврт леб и сутлијаш и овошје. Сите  стотина социјалци меѓусебно се познаваат. Велат дека има жена која има вградено стент и доаѓа да  ја подигне храната. Но денес не стигна. Не дојдоа  и многу други, оти од 110-те  лица ручек подигнаа 70-тина, жешкото го стори своето.

    Со новата локација, дел од корисниците ги снемало. Велат дека познаваат најмалку 30-тина лица, на  кои не  им одговара новиот режим на подигнување  на храна, па се откажале.

    Од Министерството за  труд и социјална политика (МТСП), под чија надлежност се т.н. народни кујни, го објаснуваат  новиот начин, кој погоди  повеќето од корисниците.

    „На тендерот за обезбедување оброк во Велес победи скопска фирма, која имаше најниска понуда. Поради ова ручекот повеќе не се дели по клоновите од градинките во Велес, бидејќи новиот снабдувач нема своја просторија, туку  го делиме  во наша просторија сместена во Агенцијата за вработување. Тоа е времено решение и работиме  да најдеме излез од  проблемот со жителите од подалечните делови на градот“, велат од МТСП.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира