СОЖИВОТОТ ВО МАКЕДОНИЈА Е ПРИМЕР ЗА СВЕТОТ, РЕЧЕ ПАПАТА ФРАЊО

    СОЖИВОТОТ ВО МАКЕДОНИЈА Е ПРИМЕР ЗА СВЕТОТ, РЕЧЕ ПАПАТА ФРАЊОПапата Фрањо ја почна првата посета на Македонија со средбата со државниот врв во претседателската вила на Водно. (Фото: Н. Батев)

    Папата Фрањо ја почна првата посета на Македонија со средбата со државниот врв во претседателската вила на Водно. Домаќин на средбата што почна со високи државни и воени почести беше претседателот во заминување Ѓорге Иванов, а присутни беа и премиерот Зоран Заев, новиот претседател Стево Пендаровски и делегација од министри во Владата, претставници на политичкиот живот, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

    Во поздравниот говор Папата рече дека Македонија е мост меѓу Истокот и Западот, а дека верскиот и етнички соживотот и толеранцијата кои опстојуваат со векови во Македонија е пример, и дека тоа треба да придонесе за што поскора европска интерграција. Го истакна и придонесот на Македонија за помош на бегалците од Блиски Исток кои бегаа од војна во 2015 и 2016.

    „Се надевам дека ќе се зачува оваа нишка солидарност која ве одбележа во секое добродетелско служење на оние што немаат“, рече папата Фрањо.

    Тој рече дека е пресреќен што ќе има можност да се помоли во спомен-куќата на Мајката Тереза изградена на местото каде што некогаш имало католичка црква.

    Претседателот Ѓорге Иванов во говорот го поздрави папата Фрањо, му се заблагодари за посетата  и го повика да се вклучи во духовната обнова на земјава „пред да биде предоцна“.

    По средбата со државниот врв, папата Фрањо во спомен-куќата на мајка Тереза во центарот на Скопје ќе има средби со невладиниот сектор, луѓе од ранливите заедници, верските поглавари, а во 11 часот ќе има литургија на Плоштад Македонија.

    Ако не врне, папата со папамобил низ улица Македонија ќе пристигне до Плоштадот Македонија.

    ЕКИПА НА СДК.МК

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира