СРЕДНОШКОЛСКА ЖУРКА ПРЕД БЕЛИОТ ДВОРЕЦ НА ВМРО-ДПМНЕ

    СРЕДНОШКОЛСКА ЖУРКА ПРЕД БЕЛИОТ ДВОРЕЦ НА ВМРО-ДПМНЕОд Град Скопје не кажуваат зошто токму плоштадот ВМРО е одбран за забавата на средношколците. - Детска приредба пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во септември минатата година. (Фото: СДК.МК)

    Во рамките на културната програмска манифестација на Град Скопје „Улични музичари и артисти“, а во организација на конгресниот центар „Александар Македонски-Универзална сала“, денеска пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе има средношколска журка. Според програмата, која почнува од 17 часот, ќе настапуваат ученици од пет училишта од Скопје кои ќе свират со своите бендови, ќе пеат во хор или ќе глумат со драмските секции.

    Од Град Скопје не кажуваат зошто токму плоштадот ВМРО е одбран за забавата на средношколците. Здружението на пензионери „Нов живот“ ќе настапи в недела на плоштадот Богородица, а на плоштадот Филип Втори ќе настапуваат фолклорни и балетски групи.

    „На ќерка ми, наставниците во училиште им кажале дека ќе имаат скратени часови за да одат на забавата од 17 часот. Не им објасниле ништо подетално и нормално е ние како родители да се запрашаме каква е оваа журка што се прави пред седиштето на ВМРО и дали ја организира политичката партија“, реагираат родители на средношколци од Скопје.

    Директорот на средното училиште „Георги Димитров“ вели дека настанот нема никаква поврзаност со политичката партија и бара децата да не се ставаат во тој контекст.
    „Нема да има ниту скратени часови, наставата ќе си тече нормално, освен за оние ученици кои настапуваат на претставата. Ова се случува секоја година и училиштата на овој начин се презентираат пред јавноста“, вели директорот Саша Стоименов.

    Според Град Скопје, проектот наречен „Скопски летен ритам“ е наменет за граѓаните и туристите, коишто во летниот период ќе престојуваат во Скопје.
    „Целта на овој проект е културно заживување на централното градско подрачје преку урбаната култура и генерирање нова и стара публика преку квалитетна културно-уметничка програма која ќе ја надополни и збогати атмосферата и амбиентот на Скопје“, велат од Град Скопје.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира