Од 16 јуни почнуваат уписите на учениците во средните училишта во земјава, а од Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците ги повикуваат сите ученици припадници на заедниците да го остварат своето право да учат на мајчиниот јазик и во средно образование.
Во средните училишта наставата се одвива на македонски, албански, турски и српски наставен јазик. Бројот на училишта со турски и српски наставен јазик е помал, а училиштата се во општините во кои се сконцентрирани турското односно српското насление. Во учебната 2020/2021 година, учениците можат да се запишат во следниве училишта со настава на турски јазик:
- СУГС „Јосип Броз Тито“, Скопје
- СУГС „Цветан Димов“, Скопје
- Средно медицинско општинско училиште во Гостивар
- Средно општинско училиште – Гостивар
- Општинско средно техничко училиште во Гостивар
- ОСУ „Мирко Милески“, Кичево
- СОУ „Коста Сусинов“, Радовиш
- СОУ „Цар Самоил“, Ресен
- СОУ „Ибрахим Темо“, Струга
- ОСМУ „Никола Штејн“, Тетово
- СОУ „АТА“, Центар Жупа
На српски наставен јазик во средно училиште наставата се изведува во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.
Потребните документи за упис, како и пријавите на секој од наставните јазици, учениците можат да ги симнат од страницата на Министерството за образование и наука.
„Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани, и затоа се ставаат во функција сите нејзини капацитети да се создаде општество во кое секој поединец ќе ги ужива своите со закон и устав загарантирани човекови права. Едно од фундаменталните човекови права е правото на образование на мајчиниот јазик“, вели м-р Славица Тодорова, директорка на Управата.
Тодорова потсетува дека во основните училишта во земјава наставата се изведува на пет наставни јазици: македонски, албански, турски, српски и босански. Исто така, учениците припадници на етничките заедници имаат можност да го изберат учењето на мајчиниот јазик како втор изборен предмет според условите пропишани во Наставниот план и програма, и тоа: Јазик и култура на Србите, Јазик и култура на Турците, Јазик и култура на Ромите, Јазик и култура на Бошњаците, Јазик и култура на Власите од трето до деветто одделение. Како втор изборен предмет, учениците можат да го изберат и Албански јазик од шесто до деветто одделение.
Б. НЕСТОРОСКА