Министерот за здравство Азир Алиу рече дека стоматолозите од денес може да аплицираат за лиценци во Министерството за здравство и дека рокот за добивање ќе биде ист како и досега, ако не и побрз.
Алиу на 9 август соопшти дека Министерството ѝ ги одзема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора. Toj рече дека на 8 август, по насоки на стручна комисија, поради констатирани неправилности, ѝ ги одзел овластувањата на Стоматолошката комора, која меѓу другото дава лиценци за работа на лекарите стоматолози.
„Тоа што ние го направивме, ценам дека е правилно и на време, бидејќи ако не беше овој чекор, ние во септември, октоври ќе имавме во Македонија 50 отсто стоматолози без лиценци. Најавувам дека од денес може да се аплицира кај нас, потпишав решение за Секторот за стоматологија, покрај дневните обврки кои ги има, сега ќе има обврска заедно со вработените во Комората да ги процесираат сите барања од стомaтолозите. Нема да има застој, ќе има ред и закон. Тоа што јас го потпишав, го потпишав врз основа на документи и факти, имав средби со претседателот и со работната група и стојам зад потписот“, рече Алиу денеска, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на реновирањето на инфраструктурата на Клиниката за урологија.
За тоа како сега ќе се вршат обуки, кои им се потребни на стоматолозите за да добијат лиценца, Алиу кажа дека е разговарано со двата факултета за стоматологија во Скопје и Тетово и тие набрзо ќе излезат со програма и материјал и врз основа на тој материјал ќе треба да се организираат хибрдни обуки. Обуките за физичко присуство ќе бидат во просторитте на факултетите и ќе има и онлајн за тие што не може да присуствуваат.
„Пристапот и методологијата ќе биде иста, само ќе биде според законот. Стоматолозите да бидат спокојни, од денес имаме стрктуририана методологија и алгоритм. Идејата е сите чекори да бидат преземени и сите стандарди да бидат земени во предвид“, додаде Алиу.
- АКО КАЈ НАС ИМА 15 „НЕРЕГИСТРИРАНИ“ ЗДРУЖЕНИЈА КОИ ВРШАТ ЕДУКАЦИЈА, ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ИМА 80-ТИНА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОМАТОЛОШКАТА КОМОРА ОТКАКО АЛИУ Ѝ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦИРАЊЕ
- АКО КАЈ НАС ИМА 15 „НЕРЕГИСТРИРАНИ“ ЗДРУЖЕНИЈА КОИ ВРШАТ ЕДУКАЦИЈА, ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ИМА 80-ТИНА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОМАТОЛОШКАТА КОМОРА ОТКАКО АЛИУ Ѝ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦИРАЊЕ
Претседателот на Стоматолошката комора на Македонија Маријан Денковски вчера рече дека во Комората имале неколку контроли и не биле констатирани неправилности. Денковски рече дека минатата недела имале интензивна комуникација со министерот за здравство и заклучокот бил дека доколку има неправилности, Комората ќе ги вложи сите напори да се исправат.
„Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Управата за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, кажа тој, демантирајќи ги наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.
Стоматолошката комора ќе свика вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието на Комората, по што ќе ги информираат и членовите на Комората и медиумите, како и пошироката јавност, за официјалниот став, бидејќи согласно актите на Комората, само Собранието има надлежност за тоа.
„На крајот времето ќе покаже каде е вистината. Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финасиски или други криминали, сосема реално е да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората, затоа што Комората постои и се состои од нејзините членови, докторите на стоматологија“, рече Денковски.
Б. НЕСТОРОСКА