Околу 200 граѓани протестираа денеска пред Владата, барајќи од надлежните решенија за загадувањето на воздухот. Протестот беше најавен и организиран на социјалните мрежи со слоганот „Станете за чист воздух“.
„Ситуацијата е алармантна и мора итно да се преземат мерки. Сметам дека автомобилите се најголеми загадувачи и мора Владата да го редуцира движењето или да се воведе пар-непар“, рече Александар Христов, граѓанин кој излезе на протестот.
Драги Змијанац од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“ рече дека се тука да ги потсетат надлежните кои во септември заедно со нив маршираа за чист воздух да ги исполнат ветувањата.
„Ние бараме децата да не одат на училиште при висока загаденост и ако два дена по ред имаме висока концентрација на ПМ честички да се прогласи вонредна состојба“, рече Змијанац.
А. АНТЕВСКА