Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска обвини дека државата доживува „драматичен економски пад“ откако Христијан Мицкоски е на власт, посочувајќи на, како што рече, „колапс на странските инвестиции“.
„Откако премиерот заврши со сликање со нашите инвестиции и китење со туѓи перја, дојде реалноста за неговата неспособност. Имаме трипати помалку донесени странски инвестиции“, рече Филипче на прес-конференција.
Тој направи споредба, велејќи дека додека во првите два квартали „во годините на СДСМ“ имало 600 милиони евра странски инвестиции, сега тие изнесуваат само 200 милиони евра.
Според лидерот на СДСМ, економските показатели се алармантни на сите нивоа.
„Ако на ова се додадат сите останати економски показатели – дека сме со најмала минимална и просечна плата во регионот, а платите немаат изгледи да растат, највисока инфлација во регионот од 4,5%, најнизок проектиран економски раст од Светска банка кој патем е целосно изеден од инфлацијата – тогаш е јасно дека оваа влада не носи во економски амбис“, рече тој.
Филипче вели дека ваквиот пад на странските инвестиции е резултат не само на економска неспособност, туку и на „арогантното однесување на Владата кон домашните и странските инвеститори“.



