Статусот на СЈО нема да се реши до јуни, како што очекува специјалната обвинителка Катица Јанева, туку во стратегијата за судски реформи, зацртано е тоа да се случи на крајот на оваа година, вели заменик министерот за правда Оливер Ристовски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека предвидено е СЈО да биде со статус под Јавниот обвинител на Македонија, но тоа да може самостојно да настапува пред трите судски инстанци, Основниот суд, Апелацискиот суд и Врховниот суд.
Претходно, Јанева апелираше до Владата и Собранието статусот на СЈО да се реши до јуни, најдоцна до септември, а ако не се случи тоа, рече дека ќе излезе пред јавноста и ќе каже што ќе се случи со бројните отворени случаи со големи финансиски истраги.
Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тој лично, а не како заменик министер за правда, очекува претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев да си поднесе оставка од морални причини, поради учеството во изборот на неговата внука Марија Ѓоргева за обвинител од организиран криминал.
Јанева и Ристовски денеска даваа изјави по свеченото отворање на проектот: „Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“.
С. К. ДЕЛЕВСКА