СТРУМИЧАНЕЦ ПРИЈАВИЛ ДЕКА БИЛ НАТЕПАН ОД ГРУПА ВО КОЈА БИЛ И ЧАВКОВ

    СТРУМИЧАНЕЦ ПРИЈАВИЛ ДЕКА БИЛ НАТЕПАН ОД ГРУПА ВО КОЈА БИЛ И ЧАВКОВНа поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков притворот му беше укинат на 23 април. (архивска фотографија)

    Струмицанецот Ванчо Спасов во полиција пријавил дека вечерва бил истепан од група вработени во СВР Струмица и други лица, во чие друштво бил пуштениот на слобода од притвор ексдиректор на Бирото за јавна безбедност и ексминистер на МВР Митко Чавков. Во пријавата не било наведено дека и Чавков го удирал Спасов, но дека на заминување од местото го прашал: „Зошто ме сликаш?“ Чавков е еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

    Според тврдењето на Спасов, настанот се случил околу 18 часот во мотелот и етно ресторан „Подгорски ан“ во близина на Колешинските водопади во Струмица, каде Чавков, кој е пуштен од притвор за обвинението за 27 април со гаранција, бил со пријатели и бивши колеги од СВР Струмица. Спасов го снимил Чавков со мобилниот телефон.

    Како што дознаваме, според исказот во полиција, Спасов бил физички нападнат од четири лица со удари по грбот. По ќотекот му ги свиткале рацете и го легнале на земја. Потоа насилно му го зеле мобилниот телефон. Тогаш лицето Митко Чавков го прашал истепаниот зошто го слика и тој, четворицата напаѓачи и уште 2 непознати лица кои не го удирале пријавителот, си заминале од угостителскиот објект со три автомобили.

    Натепаниот како напаѓачи ги посочил: Г.Б. , инспектор во СВР Струмица, В.Н., В.Е. (едниот од нив поранешен началник на СВР Струмица, другиот поранешно обезбедување на Чавков), и уште три лица. Случајот допрва ќе го расчистува МВР, дополнително и во однос на вмешаноста во настанот на нивни колеги. Оттаму не кажуваат каков статус има во овој настан обвинетиот ексдиректор во МВР Митко Чавков.

    На 23 април Кривичниот совет на Одделението за гонење организиран криминал и корупција од Основниот суд Скопје 1, ја прифати гаранцијата во недвижен имот на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и му ја укина мерката притвор. На Чавков му се определени мерки на претпазливост: одземање на патна исправа и обврска еднаш неделно да се јавува во Кривичниот суд во Скопје.

    Судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април на Чавков, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, старешини и вработени во МВР и на организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ уште не е закажано.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира