СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ СЕ ВРАЌА НАЗАД, РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА ГОРАН БОШЕВСКИ КОЈ ГО ВЛЕЧЕШЕ СЛУЧАЈОТ НАД ТРИ ГОДИНИ

    СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ СЕ ВРАЌА НАЗАД, РАЗРЕШЕН СУДИЈАТА ГОРАН БОШЕВСКИ КОЈ ГО ВЛЕЧЕШЕ СЛУЧАЈОТ НАД ТРИ ГОДИНИГруевски на судење за „Титаник“. (архивска фотографија)

    Пропадна и последната надеж дека ќе има пресуда за еден од најдолгите судски случаи за висока корупција, кој е токму за кинеските автопати за кои државата од 2014 година наваму дава стотици милиони евра, уште дава, а никако да заврши градбата. Особено на делницата Кичево – Охрид.

    Судскиот совет на денешната седница го разреши судијата Горан Бошевски кој го влечеше овој случај со само тројца обвинети, уште од први март 2018 година. Во меѓувреме кривичното дело за кое беше обвинет Никола Груевски застаре. Останаа обвинети: Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски.

    Ова беше шанса и обвинетите да ја надоместат штетата од 155.117.256 евра што ја утврди обвинителството, настрана што трошокот оди кон милијарда.

    Јавноста беше алармирана уште пред две години дека судијата Бошевски го развлекува ова судење, закажувајќи ги рочиштата на големи периоди и распони од едно судење до друго. На обвинетите и одбраната им овозможуваше бескрајно да зборуваат, да приговараат, да му реплицираат на обвинителот…

    И место да пресече порано, Судскиот совет остави три и повеќе години „Траекторија“ да биде на преживување. Сега кога дојде до завршницата, Советот се разбуди. Го разреши судијата Бошевски и судењето го врати од нула – на воведни зборови, на изјаснување за вина. Секако без Груевски на обвинителна клупа, кој не само што избега во Унгарија, туку и му застаре кривичното дело во овој предмет.

    Бошевски е разрешен за нестручно и несовесно работење.

    Со ова разрешување, на почеток се враќа ислучајот „Талир 1“ каде првообвинет е Груевски. Бошевски во овој предмет беше втор судија. Секаде каде што Груевски е обвинет, судењата се враќаат на почеток најмалку еднаш. „ТНТ“ веќе се врати, а се враќа и „Титаник“ за изборни злоупотреби, после илјада слушнати бомби и стотици сослушани сведоци.

    Исто како „ТНТ“, така и „Талир 1“ и „Титаник“ кој беше пред пресуда се враќаат на почеток поради пензионирање на поротник, нешто што Судскиот совет го занемарил иако бил известуван од судиите кои ги водат овие случаи. Повеќе месеци не се одржуваа судења поради ковид пандемијата, но не постои јавно познат факт дека Судскиот совет презел нешто во врска и со тоа течење на рокови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира