ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОСКА БАРА ПРИТВОР ЗА СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ ОД УПРАВНИОТ СУД, ОСОМНИЧЕН Е ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

    ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОСКА БАРА ПРИТВОР ЗА СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ ОД УПРАВНИОТ СУД, ОСОМНИЧЕН Е ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈАУправниот судија е осомничен за злоупотреби со предмет за денационализација на имот на брегот на охридското Езеро во Струга. - Обвинителката Вилма Рускоска (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција донело наредба за истрага против судијата Мустафа Шахини од Управниот суд во Скопје за злоупотреби со предмет за денационализација на имот на брегот на охридското Езеро во Струга, со кои државата ја оштетил за над 200 илјади евра.

    „Осомничениот во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување и ги пречекорил границите на своето службено овластување преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе. Истовремено тој не презел дејствија што бил должен да ги преземе. Со ова тој сторил кривично дело ’Злоупотреба на службена положба и овластување‘ по член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, вели Обвинителството за организиран криминал.

    Осомниченото лице, претходно бил адвокат и ги застапувал интересите по Барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот Шахини бил избран за судија на Управниот суд.

    „Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа, злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, иако знаел дека како поранешен застапник (адвокат) на тужителите, не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот Суд. Натаму, постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува. Со тоа оневозможил Државното правобранителство на Р.С.М. кој е адвокат на државата, како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на Република Северна Македонија“, се прецизира во соопштението на Обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска.

    Како Претседател на совет, судијата Шахини учествувал во донесување на Пресуда со која спротивно на одредбите од „Законот за води“, „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското езеро“, „Законот за денационализација“ и „Законот за Управните Спорови“, недвижниот имот – градежно неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите кои претходно биле негови клиенти.

    „Воедно за недвижен имот со површина од 171 м2 што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратено во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на РСМакедонија, примерок од Пресудата, иако е задолжително заради право на жалба, не бил доставен до Државното правобранителство и со својот потпис, осомничениот, овозможил правосилност на пресудата. Со ваквите дејствија на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности, противправно да се стекнат со имотна корист – површина од 1.958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700, денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413 денари, односно над 200.000 евра на штета на имотот и интересите на РСМакедонија“, наведува Рускоска.

    Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје, доставил предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Од Кривичниот суд најавија дека ќе ја соопштат одлуката во текот на денот.

    „Спорниот имот во моментов е обезбеден со Решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување“, потврди Обвинителството дека имотот за кој помогнал да се добие судијата Шахини, е замрзнат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари