Судскиот совет денеска го избра судијата Зоран Герасимовски за вршител на должноста (в. д.) претседател на Апелациониот суд Скопје. Оваа одлука следува по преминот на досегашната претседателка Мери Дика на новата функција во Уставниот суд.
За привремен раководител на скопска Апелација беа предложени судиите Тања Милева и Зоран Герасимовски.
На истата седница, Судскиот совет донесе одлука за распишување оглас за избор на нов претседател на скопскиот Апелационен суд, а констатираше и мирување на судиската функција на Мери Дика поради нејзиниот избор за уставен судија.
Герасимовски во 2017 година беше избран за судија во Апелационен суд Скопје, каде постапува по предмети во граѓанскиот оддел.



