Едногласно во присуство на 12 членови на Судскиот совет, на денешната седница беше прифатен предлогот судијката за организиран криминал и корупција Добрила Кацарска за нов уставен судија.
Овој предлог Судскиот совет ќе го испрати на Собранието, кое треба да гласа. Уставните судии се бираат со просто мнозинство од пратениците.
Кацарска е предлог на местото на судијата Владимир Стојановски кому му истече мандатот во април, среде пандемија и вонредна состојба. Тој се врати во Врховниот суд, откај што беше избран за уставен судија пред 9 години.
Кацарска е судија 30 години. Покрај од кривичната, судела и предмети од граѓанската област. Од предметите на СЈО и од оние од висок јавен интерес на редовното ОЈО за организиран криминал, позната е по судењата „Тенк” , „Триста”, „Транспортер”, „Поткуп”, „Организиран напад на Собранието на 27 април 2017 година”. Последниве две судења беа со 30-тина обвинети, но таа одамна ги заврши.
С. К. ДЕЛЕВСКА