Весна Димишкова, судија на претходна постапка за организиран криминал од Кривичниот суд, еден час порано пристигнала утрово на распит пред шефицата на ОЈО за организиран криминал Вилма Рускоска. Непознато е дали е во својство на сведок или лице кое може да даде одредени информации. Вториов статус, вообичаено подоцна во истрагата преоѓа во осомничено лице.
Димишкова, според неофицијалните информации, е на распит зашто ја пријавил осомничениот во „Империја“ Орце Камчев дека и таа била во шемата со експецијалната обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13 кои го рекетирале за разни поволности во истрагата против него.
Димишкова е судијката која за време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ ѝја потпиша наредбата на Јанева да влезе во УБК, да изврши претрес и да ги прибави доказите за незаконското масовно прислушување во Управата.
Димишкова ја издаде и наредбата за претрес на СЈО во домот на сега покојниот Коста Крпач во истрагата за „Трезор“ на СЈО, за незаконска набавка на опрема за прислушување.
Јанева, Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец се тројцата обвинети во случајот „Рекет“. Јанева вчера излезе од притворот во затворот во Шутка каде беше од 21 август, и ќе биде во куќен притвор. Од обвинетите во „Рекет“, во притвор во Шутка остана првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13. Обвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше пуштен од Шутка во куќен притвор на 24 септември.Судењето за „Рекет“ треба да почне во Кривичниот суд на 3 декември.
С. К. ДЕЛЕВСКА