СУДОТ ГИ ОСЛОБОДИ ДРАГАН ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС И НЕГОВИТЕ БРАЌА ЗА НЕЛЕГАЛНА ГРАДБА НА ТРИТЕ НИВНИ КУЌИ ВО ЗЕЛЕНИКОВО

    СУДОТ ГИ ОСЛОБОДИ ДРАГАН ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС И НЕГОВИТЕ БРАЌА ЗА НЕЛЕГАЛНА ГРАДБА НА ТРИТЕ НИВНИ КУЌИ ВО ЗЕЛЕНИКОВОТрошоците за ова судење по обвинение на СЈО што падна денеска во Кривичниот суд паѓаат на товар на државата. - Драган Павловиќ - Латас пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Звездан Павловиќ и Срѓан Павловиќ, добија ослободителна пресуда за изградбата на нивните три куќи во Зелениково Скопје. Обвинението го поднесе Специјалното јавно обвинителство, ослободителната пресуда ја изрече Основниот суд Скопје 1.

    „Делото за кое се обвинуваат, не е дел од законот. Обвинетите се ослободуваат од обвинението. Нема ни конфискација на куќите“, одлучи Судот.

    Сторител е тој што во моментот врши градба без одобрение на градба или спротивно на одобрението за градба. Надзорот го врши органот за надзор. Инспекцискиот надзор го вршат државни и општински градежен инспектор. Во конкретниот случај нема пријава за бесправно градење ни од граѓанин, ни од државен орган. Нема ни решение за уривање. Немало јавен интерес, а башка и во 2013 година тие си извадиле градежни дозволи за веќе изградените куќи и никој не побарал поништување на тие одобренија, заклучи судот.

    Трошоците за ова судење паѓаат на товар на државата.

    По изрекувањето на пресудата, обвинителката од СЈО Елизабета Јосифовска најави жалба до Апелациониот суд.

    „Нема дилема дека ќе жалиме пред Апелациониот суд. За нас обвинението е издржано и основано“, кажа Јосифовска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари