СУДОТ ГО ЗАМРЗНА ИМОТОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА БАРАЊЕ НА СЈО

    СУДОТ ГО ЗАМРЗНА ИМОТОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА БАРАЊЕ НА СЈОСо одлуката на судот, замрзнати се вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата и тие не смеат да се продаваат или даваат под закуп. (Фото: СДК.МК)

    Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ на барање на Специјалното јавно обвинителство во рамките на предметот „Талир“, соопшти пред малку СЈО. Со одлуката на судот, замрзнати се вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата и се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. СЈО го поднела барањето бидејќи оттаму сметаат дека постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела кажа дека во партијата размислуваат за продажба или изнајмување на партиското седиште.

    „По барање на ова Јавно обвинителство, судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата. Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката“, се вели во соопштението на СЈО.

    СЈО на 22 мај 2017 ја отвори истрагата „Талир“ за перење пари преку незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во која првоосомничен е поранешниот претседател на партијата Никола Груевски.

    Тогаш, специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека постои основано сомнение дека првоосомничениот, додека бил претседател на партијата во периодот од 2009 до 2015 година, овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби и дека тоа го направил од лични мотиви со злоупотреба на службена должност и овластувања. Фетаи рече дека постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра. Осомничени се уште 13-мина високи поранешни и актуелни функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира