По долга расправа во која некои од членовите на Судскиот совет зборуваа доминантно убави зборови за претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, постапката за нејзино разрешување денеска се запре со 7 гласа „за”.
На Адеми, членот Миљазим Мустафа ѝ поднесе барање за дисциплинска одговорност веднаш откако на 3 ноември 2023 во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека врховните судии се под политички притисоци и под закана за разрешување, што се обвистини во врска со неа.
Претходно, прва зборуваше судијката Антоанета Димовска од Судскиот совет.
„Проблематично за мене е што самото барање за дисциплинска одговорност е обвинение.
Се работи за седници на Судскиот совет во работни денови и за претседател на Врховен суд кој има работа таму во работни денови. Не знам какво оправдание треба да достави”, кажа Димовска.
Натаму, таа потенцираше дека во интервјуто во САКАМДАКАЖАМ.МК навела оти врховните судии одолеале на политичките притисоци.
„А што направивме ние? Ги повикавме судиите на неформална средба? Ништо. Еве сега сме јануари, а интервјуто беше на почетокот на ноември. Натаму, ние имаме членови на Судскиот совет кои честопати не го оправдале своето отсуство. Што сме ние различни од неа?”, праша судијката Димовска.
За судијата Ивица Николовски Врховниот суд е ажурен суд, што е придонес на претседателката Беса Адеми, а за недоаѓањата на седниците на Судскиот совет, кажа дека состојбата во тој период во Советот, и не беше за доаѓање.
„Како нас ќе нè цени јавноста, кога Судскиот совет тргна по претседател на Врховниот суд, само затоа што се пожалила на обид за притисоци?? Па граѓаните нас ќе нè осудат!”, рече судијата Николовски.
Исто како и Димовска претходно, и тој предложи иницијативата за нејзино разрешување да се отфрли. Тoа го побара и членката на Советот Павлина Црвенковска.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева кажа дека како правник и како човек, смета дека Адеми нема одговорност, се гордее со нејзиниот успех, но и дека нема да дозволи ако се изгласа запирање на постапката, да мора да има ново гласање за: „ај барем за нешто поблаго да ја казниме”.
Селим Адеми кажа дека не секое барање за дисциплинска одговорност значи и разрешување.
„Има и санкција ‘опомена'”, кажа тој.
Потсети дека на колегиум сите биле лути на Беса Адеми по објавата на интервјуто и поради тоа што нејќела на средба да дојде во Судскиот совет и да збори за притисоците, а дека денеска сите предат како мачиња.
Кажа дека на тие колегиуми само тој бил „благ” кон претседателката на Врховниот Беса Адеми.
Сите членови на Советот изразија жалење за тоа дека Адеми за притисоците кажала во медиум, а не кај нив. Се чудеа зошто се заобиколени, а никој не претпостави дека судиите воопшто немаат доверба во Судскиот совет.
Адвокатката Тања Чачарова, пак, праша што има таму по портали да кажува претседателката на Врховниот суд, место кај нив? Таа ја обвини дека Адеми ги прекршила Уставот и законите што не доаѓала на седниците, а притоа во ниеден момент не спомна како таа со нејзиниот глас ги повреди законите и Уставот одлучувајќи за незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателското место лани во април, за што таа ги победи Чачарова и колегите пред Управниот суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА