НЕМА ШТО ДА БАРАМЕ ВО СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА, СЕ ПОБУНИ ЧАЧАРЕВА ОД СУДСКИОТ СОВЕТ, НАДЛЕЖНА ЗА СУДОТ КОЈ ГИ УКИНА ПРЕСУДИТЕ ЗА МИЈАЛКОВ

    НЕМА ШТО ДА БАРАМЕ ВО СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА, СЕ ПОБУНИ ЧАЧАРЕВА ОД СУДСКИОТ СОВЕТ, НАДЛЕЖНА ЗА СУДОТ КОЈ ГИ УКИНА ПРЕСУДИТЕ ЗА МИЈАЛКОВКоординаторката во Судскиот совет за Апелациониот суд Скопје Тања Чачарева-Илиевска на денешната седница. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на итна седница што ја свика по острите реакции на јавноста по укинувањето на пресудите за Сашо Мијалков за британската опрема за следење и за масовното прислушување, предложи работна група под водство на координаторката Тања Чачарева – Илиевска, Мирјана Радевска-Стефкова и Мери Радевска да одат во Апелациониот суд Скопје да ги испитаат предметите „Тврдина-Таргет“, „Трезор“ и „Транспортер“, кој таму седи 3 години без одлука.

    А по 1 јануари, најави таа, ќе има нов распоред и кој не се покажал како координатор досега и дозволил судовите што ги покрива да прават буквално што сакаат, ќе биде сменет од судовите што ги покривал.

    Се побуни координаторката на најважниот, на Апелациониот суд Скопје, Тања Чачарева – Илиевска.

    „Нема работната група да направи нешто што досега не е направено . Редовно ги следиме извештаите. Судиите немаат можност да го совладаат приливот на предмети на месечно и годишно ниво. Што би контролирала работната група? Надзор на што? Можеме само да видиме како ги совладувале предметите според бројот што го добивале и дали со иста динамика ги решавале. Толку можеме, за друго немаме надлежност”, кажа Чачарева – Илиевска.

    „Не се согласувам со вас. Може да видиме дали овие предмети судиите намерно ги задржувале, натаму дали судијка одлучувала откако исполнила услови за старосна пензија, за мерките притвор во овие предмети и за многу други предмети“, ѝ одговори Дамева.

    „Тогаш нека се прошири и со предметот ‘Алфа’“, рече потпретседателот на Советот Селим Адеми.

    „Во ред“, рече Дамева и праша дали уште да се проширува списокот за проверка на предмети во Апелациониот суд Скопје.

    Чачарева – Илиевска побара споредба да се направи со другите предмети. А не само овие да се гледаат.

    Ни збор не кажа координаторката на Апелација Скопје дека ова се предмети од поранешното СЈО и се приоритетни предмети кои ЕУ и САД постојано во извештаите и усно ги спомнуваат дека се предмети од највисок јавен интерес и без нивно решавање, земјата нема да добие преодна оценка за владеење на правото.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира