На итната седница свикана денеска за разрешување на врховниот судија Наќе Георгиев, Судскиот совет по предлог на претседателката Весна Дамева, исто така, итно формираше комисија да ја испита законитоста на одлуките на судијата од Основниот кривичен суд Пајазит Пајазити, кој во една недела го пушти во куќен притвор поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани и го спаси членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети од затвор.
Комисијата на чело со судијата Александар Камбовски треба да ја истражи одлуката на Пајазити откако осомничениот за воени злосторства Рамадани избега од куќен притвор и се врати во Косово, но и неговата одлука да ја прифати спогодбата на обвинителката Верица Бержецка-Крстева со Иџет Мемети, кој призна вина за земање мито со врховниот судија Наќе Георгиев, да биде казнет со условна осуда.
Казната за вакво дело и од висок функционер како Мемети е до 5 години затвор. А условната казна која што ја прифатил Пајазити е под законскиот минимум.
Ќе се испитува и ниската казна за Георгиев, која што ја прифати судијата од Основниот кривичен суд Скопје Душко Јосифов, каде што казната е од 1 до 10 години, а тој доби три.
- СУДИЈАТА ПАЈАЗИТ ПАЈАЗИТИ ВО ЕДНА НЕДЕЛА ПУШТИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР ОСОМНИЧЕН ВОЕН ЗЛОСТОРНИК ОД КОСОВО КОЈ ИЗБЕГА, А ГО СПАСИ ОД ЗАТВОР И ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ
- ПОРАНЕШНИОТ ВОЈНИК НА ОВК БЛЕРИМ РАМАДАНИ ИЗБЕГАЛ ОД КУЌЕН ПРИТВОР, БЕШЕ УАПСЕН ВО ЈАЖИНЦЕ ПО СРПСКА ПОТЕРНИЦА ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА ВО КОСОВО
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ДАДЕ ДОКАЗИ ДЕКА БИЛ ЗАГРОЗЕН ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ И ДЕКА БИЛ ПОВРЕДЕН КОНТРОЛОР НА ЛЕТ, КАЖА КРИВИЧНИОТ СУД ЗОШТО НЕМА ПРИТВОР ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА
- ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ПРИЗНА ДЕКА СО ВРХОВНИОТ СУДИЈА НАЌЕ ГЕОРГИЕВ БАРАЛЕ ПОТКУП, ДОБИ ЕДНА ГОДИНА УСЛОВНО
- СУДСКИОТ СОВЕТ НА ИТНА СЕДНИЦА ГО РАЗРЕШИ ОСУДЕНИОТ ВРХОВЕН СУДИЈА НАЌЕ ГЕОРГИЕВ, ВЕЛАТ ДЕКА НЕ СМЕЕ ДА ЗЕМЕ НИТУ ЕДЕН ЧАС ПЛУС ПЛАТА
Дамева и судијата Ивица Николовски од Судскиот совет кажаа дека ова однесување на судиите, особено за бегството на Рамадани и спасување на Мемети од затвор, мора да се истражи, бидејќи јавноста треба да се слуша и оваа иницијатива е по допрен глас.
Потоа , на седница ќе се расправаат наодите на тричлената комисија за Пајазити и за Јосифов и ќе се одлучува што со овие двајца судии.
Судијката Антоанета Димовска од Судскиот совет кажа дека како член нема да ја коментира одлуката на судијата Пајазити, но дека како граѓанин, мајка, баба и како човек кој се грижи за иднината и опстанокот на оваа држава, смета дека и тоа како треба да се испита можна корупција во Основниот кривичен суд за овие случаи.
С. К. ДЕЛЕВСКА