ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ДАДЕ ДОКАЗИ ДЕКА БИЛ ЗАГРОЗЕН ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ И ДЕКА БИЛ ПОВРЕДЕН КОНТРОЛОР НА ЛЕТ, КАЖА КРИВИЧНИОТ СУД ЗОШТО НЕМА ПРИТВОР ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ДАДЕ ДОКАЗИ ДЕКА БИЛ ЗАГРОЗЕН ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ И ДЕКА БИЛ ПОВРЕДЕН КОНТРОЛОР НА ЛЕТ, КАЖА КРИВИЧНИОТ СУД ЗОШТО НЕМА ПРИТВОР ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА КОНТРОЛНАТА КУЛАДодека траел инцидентот над небото на Македонија имало 28 авиони; - Обласната контрола на летање во М-НАВ (Фото: Ѓ. Личовски, архивска фотографија)

    Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека Основоното јавно овинителство не доставило докази дека бил загрозен воздушниот сообраќај на 4 јануари, кога Беким Незири и уште седуммина насилници упаднаа во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место. Обвинителството бараше притвор за 4 напаѓачи кои се достапни, а по четворица МВР уште трага. Судиите на претходна постапка Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ за четворицата досудија само мерки за претпазливост.

    Напаѓачите се осомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор. Во моментот на нападот, нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија. Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.

    Од Судот влат дека законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од Кривичниот законик кое им се става на товар е дека: „Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“.

    „Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“, вели Кривичниот суд и додава:

    „Имено од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму, не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата Томислав Тунтев. Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело“.

    „Неспорно е дека настан од кривично-правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“, вели Судот.

    Судот заклучува дека според доставените докази произлегува оти осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контекст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање.

    „Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид. Воедно потребно е да се напомене дека, по добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката“, вели во соопштението Основниот кривичен суд Скопје.

    На 5 јануари ноќта судиите на претходна постапка на главниот на ДУИ во Чаир Беким Незири, вработен во М-НАВ, и на уште тројца осомничени им определи: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.

    Во петокот, директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди го нарече упадот „мало кошкање како што има во секоја фирма“ и не поднесе оставка.

    Владата најави дека на 9 јануари на седница ќе го разреши целото раководство на М-НАВ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира