СУГАРЕСКИ ОДБИВА ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЗА КОЈ ИМА 250 АМАНДМАНИ

    СУГАРЕСКИ ОДБИВА ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЗА КОЈ ИМА 250 АМАНДМАНИМинистерот Сугарески не прифаќаше да се повлече целосно законот и тој да се доработи, туку им предложи на пратениците да се направи работна група на која ќе се разгледуваат амандманите. (Фото: К. Попов)

    250 амандмани се поднесени од пратениците за новиот Закон за урбанистичко планирање, од кои повеќето од власта што покажува дека законот не е добар и треба да се повлече, рекоа пратеници од опозицијата на денешната амандманска расправата на Комисијата за транспорт и врски и екологија.

    По јавната расправа во Собранието на 10 јуни на која учествуваа претставници на невладини организации и архитекти поднесени се 250 амандмани од кои 126 се од СДСМ, а 109 од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата Лилјана Затуровска побара од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески да го повлече законот оти големиот број амандмани покажуваат дека тоа е нејасен, двосмислен и остава простор за манипулации.

    „Неприфатливо е да носиме закон за урбанистичко планирање, а немаме закон за просторно планирање. Не може Владата да има овластување да носи Детални урбанистички планови, Генералните урбанистички планови да се носат без јавна расправа и да не е во корелација со пругите закони како што е Законот за урбано зеленило. Сте биле пратеник и знаете дека ако еден нов закон што се предлага трпи промени до 30 отсто треба да се повлече. Овој треба 90 отсто да се менува. Ако се донесе ваков закон ќе се создаде хаос во урбанизмот“, рече Затуровска.

    Пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска исто така побара од министерот Сугарески да се повлече законот, но најпрво да се направи работна група за да се усогласат ставовите и да се дадат забелешките.

    „Ваков каков што е законот тешко дека ќе може да се поправи само со амандмани. Треба законот да се врати во Министерството за транспорт и врски и да се поправи, но пред тоа работна група од пратеници да одржи средба со министерот и да се усогласат забелешките“, рече Поповска.

    Министерот Сугарески не прифаќаше да се повлече целосно законот и тој да се доработи, туку им предложи на пратениците да се направи работна група на која ќе се разгледуваат амандманите.

    „Јас мислам дека голем дел од амандманите се поклопуваат. Предлагам да одржиме неколку работни состаноци на кои ќе се усогласат ставовите за да донесеме квалитетен закон. Не ми е цел да се направи хаос, туку напротив да се регулира оваа област“, рече Сугарески.

    На крајот беше одлучено да се формира работна група за да се коригираат недостатоците и недореченостите на законот.

    И на јавната расправа архитектите и претставниците на граѓанските здруженија предупредија дека новиот Законот за урбанистичко планирање има низа недоречености, што остава можност да продолжи корупцијата при правењето на Деталните урбанистички планови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира