По Влатко Кешишев, денеска во Кривичниот суд почна да сведочи Александар Ѓорчевски, татко на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, кој е обвинет дека му кажал на Љупчо Палевски кога точно таа излегува за на училиште, за да ја грабнат Велибор Манев и Боре Видевски во влезот во нејзината зграда. Според обвинителниот акт, сево ова било за потоа сите да бараат пари за откуп за Вања, од мајка ѝ Зорица, која од починатите родители имала значителен недвижен имот во Скопје и во Охрид.
Но, по грабнувањето на 27 ноември 2023, Палевски веднаш го убил детето, не дојде до барањето пари за откуп.
На прашање од адвокатот, Ѓорчевски кажа: „Не сум сигурен психички колку сум спремен да дадам исказ, но сакам да дадам. Во текот на истрагата и тука во судницата беа изнесени ноторни вистини за неа и сакам да кажам дека тато е истиот човек што го виде пред 4 декември. А оттогаш сум екстремно спротивно на тоа што сум бил. Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази забележав дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание. Забележав дека демонстрираат гнев и разочарување од таканаречениот цар. Одново и одново на секое рочиште слушав што му правеле на моето дете. Кој да ја грабне, кој да ја врзе, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, ѝ вршеле психичка тортура, се обидувале да ги замачкаат трагите…“, плачеше Ѓорчевски.
„Ако не беа фатени и ако не беа сопрени, тие не ќе престанеа да грабнуваат и убиваат. Тешко дека ќе престанеле со децата“, рече тој.
На директно прашање од адвокатот Владимир Туфегџиќ, одговори дека ниту ги познава обвинетите, ниту на рочиштата може да ги гледа, па затоа мижи на судењата.
„Знаев само дека пред години, се крена врева околу објектот ‘Тифани’ во чија близина живеев јас, не го знаев како Палевски, туку како Упа, како што му беше фирмата. Јас и соседите знаевме дека живеел во голема и луксузна куќа кај Песталоци, имал и куче. Само сум слушнал за него, не го познавам. Исто така, Зорица кога почнавме да се забавуваме живееше во зграда на Упа. Не знаев која е улогата на Палевски за таа зграда, само знаев дека зградата е изградена од комшија Страшо. За Љупчо Палевски дознав вечерта кога ме задржаа во полициска станица. За останатите имињата ми беа кажани во воведниот збор на обвинителката Жаклина и нив и ден денеска ги мешам”, одговори Ѓорчевски.
„Дали сте биле нарко зависник?“, праша адвокатот.
„Да, од 1993 до 1995 година, кога мојата генерација ја зафати епидемија од наркозависности. Побарав помош од семејството, не беше тоа тајна. Сам најдов клиника за детоксикација во Турција. Потоа се рехабилитирав со помош на семејството и на работодавците. Оттогаш до денеска немам никаков контакт ни со супстанцата, ни со луѓето со кои комуницирав”, рече Ѓорчевски и потоа кажуваше каде работел, односно дека не бил толку страден за пари, за да учествува во грабнување на неговото дете, за потоа да се бараат пари од нејзината мајка Зорица и од семејството.
Кажа и дека немал долгови. Но, и дека на први март 2023, 9 месеци пред грабнувањето на Вања, си дал отказ на работното место.
Сведочењето продолжува.
С. К. ДЕЛЕВСКА