Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од собранискиот спикер да ја прекине собраниската седница за разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски во 18 часот, за да одат на слава.
„Пола од пратениците седат на штрек и чекаат да одат на слава денеска на Свети Петар, утре на Свети Павле и бараме да ја прекинете седницата овдека за да одиме на овие големи христијански празници да ги испочитуваме. Исто како за ифтар вечерата за рамазанскиот пост”, рекоа координаторите Илија Димовски и Антонијо Милошоски.
„Има закон за празниците и таму стои кои празници се неработни. 120 пратеници, 120 слави и имендени. Вака воспоставувате пракса секој за свој именден утре да бара прекин на седницата. Со сиот почит кон верските празници, може секој да оди и да слави”, рече Џафери.
Тогаш почнаа од место масовно да му дофрлуваат на спикерот пратениците од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.
Во еден момент Џафери рече:
„Еве од почит како поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој дофрлува од место, му давам збор. Повелете Вељаноски”, му нудеше Талат Џафери на колегата.
„Најмалку со тебе сакам“, рече од место Вељаноски и ја одби можноста за даден збор.
Нејкете да работите, во ред. Штом нејкете да работите, еве тука ја прекинувам седницата, продолжуваме утре во 11 часот, рече Џафери, кој апелираше вакви работи да се пријавуваат навреме, уште на почетокот на седниците и овие славски денови да не станат пракса во иднина за прекинување на пленарните седници.
С.К. ДЕЛЕВСКА