Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка. Мојсов (79), хемичарка од Универзитетот Рокфелер во САД, една од двете научнички кои го открија пептид-1 што направи револуција во лекувањето на прекумерната дебелина, како создавање на лекот „озмпик“.
Мојсов во 2024 ја сподели наградата Ласкер за клиничко медицинско истражување со уште една хемичарка и ендокринолог за откривање и развој на пептид-1 сличен на глукагон (ГЛП-1) лекови. Лековите кои го таргетираат клеточниот рецептор ГЛП-1 имаа невиден успех во слабеењето и заработија милијарди долари, особено за „Ново Нордиск“ кој го произведе лекот-бестселер „оземпик“. Тоа истражување беше прогласено за пробив на годината за 2023. Како резултат од нејзината повеќегодишна макотрпна научно-истражувачка работа произлезени се дури 10 значајни патенти.
Примајќи го ова високо признание, Мојсов преплавена од емоции и со трепет во гласот, се заблагодари за укажаната чест.
„Јас сум без зборови. Многу ви благодарам“, рече таа.
Говорејќи за импресивната биографија на Мојсов, претседателката истакна дека иако судбината ја однела во САД, со гордост кажуваме дека е Македонка, родена во Скопје.
„Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе“, додаде Сиљановска-Давкова.
Таа ѝ се заблагодари на Мојсов, искажувајќи наклон за нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука.
„Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот ‘8 Септември’ ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава“,рече претседателката.
Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, македонскиот и југословенски државник и дипломат кој беше и претседавач на Генералното собрание на ОН. Родена во Скопје каде што завршила основно и средно образование, високото образование го завршува на Природно-математичкиот факултет, насока физичка хемија на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1971. Во 1972 се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк. Работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Добитничка е на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, а предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.



