Битолскиот градоначалник Владимир Талевски најверојатно се уште не е притворен, иако сопартијците од ВМРО ДПМНЕ протестираат за негово ослободување. Според полициски извори, СВР Битола се уште не го добила решението на Кривичниот суд од Скопје со кое се изрекува домашен притвор за градоначалникот, иако од судот за медиумите потврдија дека уште во четвртокот решението им го испратиле по факс. Според ова, полицијата не го нашла и лишила од слобода. Пред зградата на Талески на улица Бонде Скерлевски во Битола не се забележува никакво полициско присуство.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиовски, кој деновиве ги држи пресовите во одбрана на Талески изјави дека не знае дали му е врачено решението на градоначалникот, иако потврди дека се во постојан контакт.
„Го имаме посетено , нон стоп сме на телефон, се слушаме за секакви проблеми кои го имаме општински и партиски , комуникацијата не е прекината. Колку што можам да видам и да слушнам се чувствува одлично“, рече Илиовски.
Битолчани се прашуваат дали Талески самиот си се притвори иако не го добил решението и не го напушта домот или пак веќе е заминат на друго место иако сопартијците протестираат во близина на неговиот стан за негова поддршка. Дали продолжениот викенд беше искористен за да не се врачи решението за притвор, се до новата работна недела кога Апелацискиот суд ќе треба да одлучува по жалбата што веќе ја доставил бранителот на Талевски.
Во саботата навечер беше покрената цела локална партиска машинерија од ВМРО-ДПМНЕ за да се соберат што повеќе луѓе на протестот во близина на станот на Талевски на улица Бонде Скерлевски. Некои од нив обвинија дека на Македонија и се заканува сценариото од царска Русија.
„Во моментот кога Македонија почна да оди нагоре во секоја смисла од општеството, некој се обидува сето тоа да го преврти наопаку и да не врати назад. Што бараме друго, да ја ничкосаме оваа држава? Да ја имитираме царска Русија , кога беше на врвот на сопствената моќ таа тогаш падна. Некој се обидува да ни направи нешто слично„ рече оперскиот пејач Цветан Стојановски, соработник на Талевски од полето на културата.
Од опозицијата прашуваат како општината ќе функционира со притворен градоначалник, а од локалната власт одговорија дека нема правни пречки затоа што Талевски ќе продолжи од дома да ги потпишува документите.