ТАТКОТО НА ФИЛИПЧЕ ИМАЛ ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА, МИНИСТЕРОТ ВЕЛИ ТАМУ Е НЕГОВИОТ ДОКТОР КОЈ ГО СЛЕДИ СО ГОДИНИ

    ТАТКОТО НА ФИЛИПЧЕ ИМАЛ ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА, МИНИСТЕРОТ ВЕЛИ ТАМУ Е НЕГОВИОТ ДОКТОР КОЈ ГО СЛЕДИ СО ГОДИНИМинистерот за здравство Венко Филипче апсолутно верува во капацитетот на нашето јавно здравство, но за случајот на неговиот татко вели дека станува збор за право на пациентот на избор на лекар, односно да се лекува кај оној во кој има доверба. - Филипче на отворањето на реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија на 31 декември 2018 (Фото: К. Попов)

    Илија Филипче, таткото на министерот за здравство Венко Филипче, пред две недели бил на интервенција во една приватна болница, односно му била извршена кардиолошка интервенција за ставање стент. На прашањето дали министерот за здравство верува во јавното здравство и зошто неговиот татко, кој и самиот претходно беше министер за здравство, избрал да се лекува во приватна болница, Филипче вели дека апсолутно верува во јавното здравство, но дека во случајот станува збор за правото на пациентот да си избере лекар во кој има доверба.

    „Апсолутно верувам во капацитетот на нашето јавно здравство, кое има врвни експерти во сите специјалности, така и во кардиологијата. Мојот татко беше на интервенција во приватна болница бидејќи и претходно таму се лекуваше. Таму е неговиот доктор, кој со години му ја следи состојбата, најдобро му ги познава крвните садови и претходно му има вградено три стента. Овде не станува збор за тоа дека не верувам во капацитетот на јавните здравствени установи и лекарите кои таму работат, туку станува збор за право на пациентот на избор на лекар, односно да се лекува кај оној во кој има доверба“, вели Филипче.

    Министерот вели дека прават сè за да ја вратат довербата на граѓаните во јавното здравство, од каде со години заминувале врвни експерти не само во приватните болници, туку и во странство.

    „Со проектите за подобрување на условите за работа во болниците и клиниките, со покачување на платите на докторите, медицинските сестри и останатите здравствени работници, со набавка на нова опрема, на нова и современа терапија се надевам дека ќе успееме да ги задржиме лекарите во јавните здравствени установи. Го развиваме и концептот на јавно-приватно партнерство, со кој може да се искористи капацитетот на приватните болници, а од друга страна да се пренесе и развие знаењето што го имаат докторите и од приватните и од јавните установи. Со тоа и граѓаните ќе имаат еднаков пристап до квалитетна и добра здравствена услуга“, вели Филипче.

    Во здравствениот систем, како што вели министерот, влегуваат и приватните, не само државните здравствени установи.

    Слични примери кога функционери, јавни личности или членови на нивните семејства користеа здравствени услуги во приватни или во државни болници има повеќе.

    Минатата година сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица беше на операција со матични клетки на скочниот зглоб во Градската општа болница „8 Септември“, по нејзин личен избор на лекарот.

    Боркица Груевска, сопругата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој сега е осуден и е во бегство во Будимпешта, одбра приватна болница да се породи со двете деца.

    Сопругата на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, Александра пак со второто дете, во време кога тој беше министер за здравство, се породи на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира