ОДРЖУВАЊЕ НА СТИРОПОРОТ

Всушност, одбиваат да сфатат дека сме - изолирани.

ОДРЖУВАЊЕ НА СТИРОПОРОТ

 1 Животот во Македонија ни поминува во магичен круг на сезонски теми. Секогаш се истите. Еве, ноември е, ќе си збориме за загадувањето. Ќе почне скијачката сезона, ќе си збориме колку е уништена Попова Шапка. Во февруари ќе дојде извештајот на УНЕСКО, па ќе дебатираме колку сме го уништиле Охрид, ќе дојде лето па ќе се бара „легло повеќе“ и ќе се буниме зошто нема таму нема „елитен туризам“, во меѓувреме, прво ќе се палат стрништата, потоа дивите депонии, па шумите и еве го, ене го, ќе дојде пак ноември, ќе ни се врати загадувањето.

Секој ден, кога се будиме, како првпат да гледаме што ни се случува. И секогаш одново се чудиме дека Скопје, Тетово и Битола се задушуваат, дека Шапка не работи, дека Охрид се уништува, дека горат стрништа и диви депонии.

Нема никакво помрднување што би нѐ оттргнало од тој магичен круг повеќе од триесет години. Ова лето изгоре половина држава. Колку време траеше меморијата за тоа? Презеде некој нешто? Не. Вгодина пак ќе се изненадиме.

2 И министерот за култура Зоран Љутков се изненадил кога го посетил Македонскиот народен тетар (МНТ).  Ја обвини претходната власт дека не го одржувала објектот што чинеше 40 милиони евра.

Љутков изгледа заборавил дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа пр пат на власт. Театарот за кој самиот „не вели дека немало пропусти во изградбата“ беше во катастрофална состојба само што го пуштија, во 2013 година. Уште оттогаш, среде фоајето стојат кофите за прибирање на водата што тече од терасата на таванот. Околу театарот стојат вреќите со песок за да не се поплават подрумите ако заврне дожд. Претстави се откажуваа за глумците да не ги отепа струја. Не е дека субстандардот од 40 милиони евра не се одржувал. Туку на таа зграда не може крај со крај да ѝ се пофаќа.

Претходната власт, таа на СДСМ, не го одржувала стиропорот. Не ги биваше и затоа паднаа на избори. Затоа победи ВМРО-ДПМНЕ. Сигурно сега предвиделе пари во буџетот за одржување на стиропорот. И се надевам, не ја заборавиле и ставката за освежување на златната боја за ќунци.

Да го потсетам Љутков дека неговата партија ни го наплати стиропорот како мермер, а бојата за ќунци како злато. Така што нека го обнови стиропорот, нека пребојоса и нека си брка работа. Што повеќе се жали, толку повеќе ја освежува меморијата кој всушност тоа го изгради.  Дека баш тие згради што се распаѓаат, сосе зградата на Владата од која отпаѓа стиропорот, се дело на 11-годишното владеење на неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ.

3 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев се сретнаа на маргините на Конференцијата за климатски промени во Баку, Азербејџан и, како што соопштија од нејзиниот кабинет, се согласиле да организираат официјални посети.

Е па, дај што ќе дадеш, ако никој друг барем Радев нека ѝ дојде во официјална посета, или пак таа нека замине кај него, овојпат да ја пречека со македонско знаме и со бугарски војници.

Повеќе од половина година помина, на претседателката ниту некој ѝ дошол, ниту пак таа отишла. Не правиме муабет за групни средби, состаноци, Генерално собрание на ОН или разни глобални и регионални самити. Зборуваме за официјална посета, со гарда, со химни, со сите државнички салтанати.

И со премиерот Христијан Мицкоски е слично. Освен што беше кај Андреј Пленковиќ во Загреб и што му дојде Виктор Орбан во Охрид, друг ниту му дошол, ниту го поканил. И Урсула фон дер Лајен на пола ден шетајќи низ сите главни градови низ Западниот Балкан. Толку. Не му ги броиме Самитот на НАТО во Вашингтон и другите средби низ Европа на кои се гледа чат-пат со некого по ходници и си намигнуваат на вечери.

Се отепаа од фалење за „продуктивни“, „плодни“ и „содржајни“ средби од маргините на некои масовни собиранки и дека „не виткаме кичма“ и „не лижеме чевли“. Всушност, одбиваат да сфатат дека сме – изолирани.

Сѐ ми се чини дека не го сфатија сериозно ни грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој на Самитот на НАТО во Вашингтон, изјави:  „Грција нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на раководството на соседната земја“. И додаде: „Вака или онака, тие ќе сфатат дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна“.

Фино си живееле и претседателката и премиерот во својот филм за Преспанскиот договор додека беа опозиција. Ама кога дојдоа на власт, филмот не го прилагодија на реалноста.

4 Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на која требаше да се расправа дали Бојан Христовски е законски поставен за директор не се одржа.

Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи не ја закажа седницата, затоа што ниту тој, ниту неговиот заменик Блерим Беџети, двајцата од ДУИ, немаат безбедносен сертификат да вршат надзор над АНБ и над Агенцијата за разузнавање.

Може да замислите каков скандал ќе направеше од ова ВМРО-ДПМНЕ да беше во опозиција?

Во Собранието пред неколку недели беше промовирана таканаречена „глува соба“, со специјална заштита од прислушување и изнесување податоци надвор, во која што ќе се разгледуваат најчувствителните безбедносни прашања за државата со влез само со безбедносен сертификат од највисоко ниво. Арно ама, штом ни претседателот ни заменикот на Комисијата немаат безбедносни сертификати, нема ни да има седници во неа. Џабе трошокот. Глувата соба ќе си остане глува.

5 Осумдесетгодишнината од ослободувањето на Скопје беше одбележана „башка Тито, башка Јованка“. Премиерот Мицкоски правеше една прослава, градоначалничката Данела Арсовска друга прослава.

Мицкоски се извини за грешката што ја направил со изборот на Арсовска за кандидатка на неговата партија за градоначалничка на главниот град.  Може затоа и го избрале слоганот „Скопје се буди“. Демек, ајде издржете уште една година, па после ќе биде супер.

Уште отсега може да предвидиме дека ако победи нивниот кандидат, или кандидатка, ќе им помине голем дел од мандатот во жалење – каков пустош остави Данела. Оти, ние не гледаме и не живееме во тој пустош.

Скопје се буди!? Не, бре. Скопје е во длабока кома. Во тригодишен кошмар што го приреди ВМРО-ДПМНЕ со нивната кандидатка Данела Арсовска. А ние сме виновни дека тоа не го забораваме.

АУДИО ПОДКАСТ

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира