ТЕРАПИЈАТА ЗА МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА ЌЕ СЕ ДАВА И ВО БОЛНИЦИТЕ ВО ШТИП И ОХРИД, А НЕ САМО ВО СКОПЈЕ

    ТЕРАПИЈАТА ЗА МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА ЌЕ СЕ ДАВА И ВО БОЛНИЦИТЕ ВО ШТИП И ОХРИД, А НЕ САМО ВО СКОПЈЕВо првата фаза, терапијата ќе се подига или прима во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид; - Од маршот за марш во чест на лицата со мултиплекс склероза (МС), параплегија и дистрофија во 2025. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство ги објави протоколите за дисперзирање на терапијата за мултиплекс склероза, со што пациентите ќе можат да ги добиваат лековите поблиску до местото на живеење. Во првата фаза, терапијата ќе се подига или прима во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

    Со дисперзијата, 618 пациенти, односно 74 проценти од оние што ја примаат опфатената терапија, ќе можат да се лекуваат во регионалните центри, а со пациентите од граничните општини бројот може да достигне до 692.

    „На Клиниката за неврологија се водат околу две илјади пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат, а бројот на новодијагностицирани расте – само во 2025 година тие се 115. Во моментот, 835 пациенти од 48 општини се на имуномодулаторните лекови опфатени со дисперзијата и сите тие терапијата ја подигаат или ја примаат на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и многумина патуваат секој месец, често со придружник, што значи трошок, отсуство од работа и дополнителен напор за луѓе со хронична болест. Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло“, рече Клековски.

    Клековски рече дека буџетот за лекување на мултиплекс склероза годинава изнесува рекордни 451 милион денари (над 7,2 милиони евра).

    Преминот кон регионалните центри е доброволен, а пациентите што ќе одлучат да останат на Универзитетската клиника за неврологија ќе продолжат да ја добиваат терапијата без промени во своите права.

    Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Јован Божиновски, кажа дека иницијативата е одговор на долгогодишните барања на Здружението за борба против мултиплекс склероза.

    „Правилникот ги утврдува лековите, надлежностите, условите за центрите и постапката, а со протоколот секоја болница одделно ги презема обврските што ја засегаат. Болниците се обврзуваат да одредат одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да ги чуваат и издаваат лековите по пропишан режим, да ја евидентираат секоја доза и да ги пријавуваат несаканите реакции во рок од 24 часа. Клиниката ја задржува стручната, финансиската и организациската одговорност: таа ги набавува лековите, преку Комисијата за имуномодулаторна терапија одлучува за секој пациент, ја фактурира терапијата кон Фондот за здравствено осигурување и врши надзор во центрите најмалку еднаш годишно“, рече Божиновски.

    Децентрализацијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Во првата се лековите што пациентот сам си ги применува – интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови (диметил фумарат, терифлуномид, кладрибин) – и тие се подигаат месечно од болничката аптека на центарот. Во втората се биолошките лекови окрелизумаб, натализумаб и офатумумаб, сите во субкутана форма, кои ги аплицира медицинско лице во центарот. Терапијата се воведува на Клиниката, каде пациентот ја прима првата доза, поминува обука и потпишува согласност, а сите наредни дози ги прима во регионалниот центар. Контролите се на секои шест или 12 месеци, со дигитален конзилиум.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира