ТИ СИ НАШ СУПЕРМЕН, СТИГНАА НОВОГОДИШНИТЕ ПОДАРОЦИ ЗА 11-ГОДИШНИОТ МАРКО, КОЈ СЕКОЈ ДЕН ПЕШКИ ПОМИНУВА РЕКА НА ПАТОТ ДО ШКОЛО

ТИ СИ НАШ СУПЕРМЕН, СТИГНАА НОВОГОДИШНИТЕ ПОДАРОЦИ ЗА 11-ГОДИШНИОТ МАРКО, КОЈ СЕКОЈ ДЕН ПЕШКИ ПОМИНУВА РЕКА НА ПАТОТ ДО ШКОЛО„Марко ти си наш Супермен, продолжи така и животот ќе ти донесе радости“, вака прочита една од многуте новогодишни пораки, кои што му ги упатија хумани граѓани на 11-годишниот Марко, кој секој ден гази река и ја поминува српско-македонската граница за да стигне на училиште. (Фото: СДК.МК)

Хумани луѓе се мобилизираа да му ги исполнат новогодишните желби на 11-годишниот Марко, кој живее во трошна куќа во српскотото село Горни Старац и секој ден поминува државна граница и гази река за да стигне на училиште во македонското село Драгоманце.

Андријана, Билјана и Момчило од Скопје организираа акција за помош на семејството Арсовски, поставиле кутија за донации во козметичко- фризерско студио, па успеале да соберат средства и подароци за да ја однесат новогодишната магија во домот на Марко и неговите браќа.

„Подароците не се само од нас, туку и од нашите пријатели. Акцијата наиде на одличен прием и за кратко време успеавме да обезбедиме она што е најпотребно во моментот. Претпразнично луѓето сакаат да даруваат и тоа многу нè радува. Се јавија пријатели кои сакаат да донираат и мебел, но тоа ќе го оставивме за понатаму. На семејството, сепак, најнеопходно му е да се догради веќе започнатата куќа во селото Пелинце, а ние повторно ќе се организираме да помогнеме“, ни рекоа тројцата хуманисти, кои не сакаат да го откриеме нивниот идентитет, бидејќи не сакаат публицитет.

Неизмерна беше радоста кога под елката на Марко оддеднаш се најдоа многу кутии завиткани во убава хартија, новогодишни пакетчиња, ранци, училиштен прибор, играчки и други подароци. Љубопитните детски очи светнаа од воодушевување, а растреперените рачиња од возбуда не знаеја што попрво да дофатат. Најмногу внимание предизвика плејстејшнот и лаптопот, кои беа негова новогодишна желба.

„Многу сум среќен. Од секогаш сакав да играм на плејстешен“, рече срамежливо Марко, кој не ја испушташе од раце посакуваната играчка и настојуваше што побрзо да се поврзе на новиот телевизор.

Впечатливите слики го привлекоа вниманието и на болното братче Дарко, кое дотогаш стуткано седеше на креветот. Посака да дојде пред екранот. Му помогнаа Милош и Марко, па почна да го допира со нежните рачиња и да испушта гласови од возбуда. Насмевката не му се симнуваше од лицето додека со сета сила се обидуваше да стои на слабите ножиња, а очите не ги тргаше од екранот. Родителите со насолзени очи ја гледаа среќата на своите деца.

„Голема благодарност до овие хумани луѓе кои дојдоа да не посетат, но и до сите други кои донирале. Ова ни значи многу, покажува дека постојат добри луѓе кои сакаат да помогнат. Сè што донесоа е многу убаво и ќе го користиме, гледате колку децата се радуваат“, вели таткото Горан.

„Многу сум среќен. Од секогаш сакав да играм на плејстешен“, рече срамежливо Марко, кој не ја испушташе од раце посакуваната играчка и настојуваше што побрзо да се поврзе на новиот телевизор. (Фото: СДК.МК)

Мајката Илинка посебно е задоволна што конечно доби правосмукалка, пегла, тостер, хигиенски средства, храна, топла облека, памперс пелени за Дарко и уште многу други работи кои се неопходни за секојдневен живот на семејството.

Петчленото семејство Арсовски живее во трошна куќа од педесетина квадрати, со оскуден мебел и без бања. Покрај Марко, имаат уште две деца. Најстариот Милош (17) не оди на училиште, а Дарко (14) е болен од детска парализа и му е неопходна институционална поддршка.

Во маалото Чивчии, во зафрленото село на планината Козјак, на самата македонско-српска граница тие се отсечени од светот. Во тој дел на селото природна граница е реката Пчиња, а официјалниот граничен премин Пелинце – Прохор Пчински се наоѓа на околу 200 метри од нивната куќа. Селаните имаат голем проблем што немаат мост безбедно да ја минуваат реката.

„Ако не е голема реката, поминувам брзо и излегувам на патот каде го чекам училишното комбе. Ако е надојдена водата, морам да заобиколувам околу 1,5 километар по козји патеки за да излезам подолу на патот“, кажува Марко, кој пред неколку дена ја повредил раката со моторна пила, додека сечеле дрва со постариот брат. Има 8 конци на раката и една недела не бил на училиште.

Место на живеење на Арсовски се води во Србија, но целиот имот им е на македонска територија и повеќе се врзани за Куманово. Од македонската држава добиваат социјална помош, тука се лечат, одат во продавница. Пред петнаесетина години започнале да градат куќа во селото Пелинце на свој имот, но ги нападнале проблеми со болното дете и куќата останала недовршена. – Таткото Горан пред недовршената куќа (Фото: СДК.МК)

„Овде нема услови за живот. Останавме сами. Сакаме да се преселиме во Пелинце ама немаме можност да ја доправиме куќата. На Дарко му треба редовна лекарска помош, а Марко полесно ќе стигне на училиште. Тоа овде не можам да им го пружам. Брза помош не може да дојде во друга држава, а ние не можеме да го однесеме. Треба со носилка да го пренесеме преку реката. Само заради децата морам да ја направам куќата“, вели Горан.

По објавување на приказната за Марко се јавија повеќе хумани граѓани да помогнат. Но, досега помош во храна, хигиенски средства и облека однесе само Црвен Крст Куманово. И неколку државни институции најавија дека ќе се вклучат за да најдат решение за проблем на семејството Арсовски.

С. НИКОЛИЌ


©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари